Обезбедувањето двотретинско мнозинство во Собранието, од страна на владејачката коалиција, постигнато минатиот петок, кога беше изгласана потребата од пристапување кон измени во Уставот заради имплементација на одредбите од договорот со Грција, се чини дека ги отвори апетитите за уште некои интервенции во највисокиот правен акт. Покрај амандманите и барањата на албанските партии, Беса и Алијанса за Албанците, за инкорпорирање во Уставот на концептот на граѓанска држава и албанскиот јазик да биде рамноправен со македонскиот јазик, се предлагаат и одредби што се однесуваат на ингеренциите на претседателот на државата. Имено, предлогот на движењето Беса е претседателот да нема право на вето по второ гласање на закон или друг акт во Собранието. Овој предлог на Беса, во врска со претседателските ингеренции, уште во текот на истиот ден, во одредени колумнистички текстови се разви во идеја за размислување – претседателот воопшто да не се избира на непосредни избори, туку посредно, во Собранието.
Прочитајте на Нова Македонија