Според истражувањето спроведено од Виенскиот универзитет, жителите на Австрија сметаат дека за да се биде „прав Австриец“ не е доволно само да сте родени таму или таму да се родени вашите претци.
Тоа што ги одликува правите Австријци се познавањето на германскиот јазик и почитувањето на политичките институции и законодавството, сметаат прашаните граѓани.
За споредба, во 2008 година, според анкетите, дури 74% од Австријците сметаа дека за да бидете вистински Австриец треба да се родите во таа земја. Десет години подоцна, такво мислење имаат (само) 52% од испитаниците.
Пред 10 години, 52% од Австријците сметаа дека вистински Австриец може да биде само оној кој има австриско потекло. На сегашната анкета, таков став имаат (само) 42%.
Промената во ваквите ставови, велат упатените, е последица на сé поголемата миграција на која Австрија беше изложена во последните 10 години. Во моментов 7 од 10 Австријци сметаат дека имигрантите претставуваат товар за социјалниот систем, додека 70% сметаат дека тие допринесуваат за пораст на стапката на криминал.