И универзитетите не се тоа што беа: „Како да станеш секс работничка – совети за бруцоши“

На саемот за студенти организиран неодамна на универзитетот Брајтон, бруцошите освен информации за класичните смерови на студии, можеа да дознаат и сé што ги интересира околу работа во секс индустријата, поточно проституцијата, благодарение на штандот (издаден со одобрение на универзитетот) на организацијата Sex Workers Outreach Project (SWOP), која се претставува како дискретен и доверлив сервис за жените кои сакаат/имаат намера да работат во проституција, особено за да си ги платат студиите.

„Ако ги крпите трошоците за школување преку бавење со проституција, или имате мака да ги ускладите работните и факултетските обврски, или само сакате со некој да разговарате, а не знаете кому би му се обратиле, ние сме тука за вас. Ја почитуваме вашата приватност и автономија“, стоеше на Твитер профилот на организацијата за време на времетраењето на саемот.

На социјалните мрежи информацијата беше дочекана со бурни реакции. Универзитетот инстантно беше обвинет за промовирање и охрабрување на своите студент(к)и на проституција.

Наспроти тезата на модерните феминистки дека проституцијата е како и секоја друга професија, изведена од залагањето дека жените имаат право да прават што сакаат со своето тело, една од најгласните критичари на потегот на универзитетот беше писателката Џули Биндел, и самата истакната феминистка:

„Ова е повеќе од срамно. Ме прави ужасно лута тоа што размената на секс се нормализира и им се подведува (Биндел го користи изразот „pimped“, изведен од „pimp“ – што значи „макро“) на жените како да е безопасен и респектабилен начин да се заработи живеачката. Ова мора да биде предмет на истрага од страна на универзитетот“, заклучува таа.

 

По лавината реакции, одговорија и од универзитетот:

„SWOP беа на саемот со цел подигнување на свеста за поддршката која ја нудат во случај на некој таква помош да му затреба. Не дојдоа со цел да заговараат проституција како една од опциите за вработување. За жал, некои луѓе погрешно го сфатија нивното учество на саемот“, порача претседателот на студентскиот совет – Том Ибукун за Times.

Патем, само една недела пред саемот, на Твитер профилот на организацијата стоеше следново: „1 од 6 студенти се бави со сексуална работа, или размислува да почне со секс работа. Ние можеме да помогнеме“. За времетраењето на саемот, пак, организацијата на својот штанд на младите студентки им делеше и кондоми и лубриканти. Сето ова, би рекле некои, повеќе наликува на реклама и обид да се привлече интересот на студент(к)ите, отколку на нудење помош…

 

- Реклама -