Да речеме дека Коби е Холанѓанец, не е целосно праведно, зашто мајка му е од Македонија. Меѓутоа, татко му е Холанѓанец, Коби е таму роден пред 30-тина години, а во Македонија има дојдено не повеќе од пет пати.
Коби вика смешен народ сме биле. Нему му се чудни навиките што нас ни се или ни биле секојдневие додека сме растеле овде.
„Колку смешен народ сте вие. Секој ден гости, бацување по три пати, а за јадења да не зборуваме“, вели тој. „Сите сте насмеани, спремни за дружење и за забава. Имате време за се што ќе посакате“, вели Коби.
Една од најизненадувачките „особини“ на Македонците, за Коби е сепак – ракијата. „Сакам ракија, но ете, не знаев дека е лековита“, се смее тој, сеќавајќи се на своето прво искуство од тој тип. Оди вака:
„Прв ден откако стигнав во Македонија качив температура. Пиев антибиотици, но не помогнаа. Се мачев се додека не ми го сервираа најдобриот македонски лек – ракијата.
Првин одбивав, бидејќи не верувам во такво лекување, но бабите и тетките се решија да ме лечат. Што да правиш, ќе попуштиш. Најпрвин ракијата ја стоплија на шпоретот на дрва. Потоа земаа една крпа и ја потопија во ракијата. Таква мокра, крпата ми ја шлапнаа на челото.
Мислев дека тука завршила целата процедура. Но, не… Ми донесоа чорапи, и ми ги намокрија нозете со оцет, ви се верува ли? Не знаев на што повеќе мирисам, дали на ракија или на оцет. Оваа постапка ми ја повторија неколку пати во текот на денот. И да, јас веќе наредното утро немав температура. Ракијата ме излечи“.
виа Скопјеинфо