Нехуманиот однос на грчките власти кон македонското прашање

Ризоспастис (Ριζοσπάστης; Радикал)„По страната на Македонците – Македонците одговараат“

Ризоспастис (Ριζοσπάστης; Радикал) е официјален орган на Грчката комунистичка партија (КПГ). Тој е дневен весник кој за првпат излегува во Солун во 1916 год. и со периодични забрани тој се печати до ден денешен.

Ризоспастис од 1917 година се издава во Атина, а првапт е забранет за време на Метаксасовата диктатура 1936 година. Одново започнува да се издава во 1944 и излегува се` до 1947 год. По падот на воената хунта во 1974 год. весникот повторно се печати.

Весникот е особено интересан за Македонците зошто на неговите страници во триесетите години на минатиот век, всушност од 1934 – 1936 год., се публикуваат голем број коментари кои што говорат за нехуманиот однос на грчките власти кон македонското прашање, како и за тешката положба на Македонците во Грција, кои говорат единствено на својот мајчин јазик. Исто така, во весникот се изнесуваат ставовите на ВМРО (Об).

По Првата Светска Војна, за привлекување на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во редовите на КПГ, влијаеше и нивниот став за решавањето на македонското национално прашање, а во кое се предвидуваше образување на автономна Македонија во рамките на една балканска федерација. Уште на III вонреден конгрес на КПГ одржан во Атина од 16 ноември до 3 декември 1924 година, во согласност со ставовите и препораките на Балканската комунистичка федерација и на Коминтерната, се прифати гледиштето за потребата од обединување на Македонците во самостојна државна единица како рамноправен член на поширока балканска федеративна заедница.

Продлабочувањето на кризата во земјата, го искористија реакционерните кругови со воведување на диктатура. На 25 јуни 1925 годдина, Генералот Пангалос го распушти парламентот, затвори низа политички личности и нареди судење на комунистите. Истото лето комунистичките функционери беа изведени пред суд со обвинувањето дека го пропагирале отцепувањето на Егејска Македонија од грчката држава и создавањето на автономна обединета Македонија. Година дена потоа, по уривањето на диктаторскиот режим, доведе до поттик за оживување на работничкото движење и за ширење на комунистичкото влијание во Грција.

Преселувањето и измените на населението, што добија масовни размери во периодот 1918-1928 година, придонесуваа за слабеење на стопанството во Македонија под грчка власт. До 1928 година во Егејска Македонија дојдоа околу 650.000 емигранти Грци од Мала Азија, Понд, и други места. Околу 430.000 дојденци беа сместени по селата на Егејска Македонија и влијаеја за создавање вишок на работна сила. Големите издатоци на државата за тие работи и за решавање на проблемот на бегалците неминовно водеа кон склучување на заеми во земјата и во странство и кон финансиско обременување и истоштување на Грција.

Во овој период финансиоката положба на Грција била лоша. Нејзините долгови достигнуваат до 40 милијарди драхми. Буџетите и` завршуваат со огромни дефицити, иако на книга тие се билансираат. Трговскиот биланс е дефицитарен, а за 1928 година извозот чини само половина од увозот. Врз основа на склучените договори и конвенции меѓу Грција, од една, Бугарија и Турција, од друга страна, беа истерани 700 илјади  души  од  месното  население. На овие им се одзедоа земјите кои им се дадоа на бегалците чијашто положба е многу тешка. Бегалците се принудени да ја плаќаагг стојноста на земјата и инвентарот што им е раздаден, како и тешките даноци со кои се задолжени; во истата положба се наоѓа и месното население. Аграрната реформа што севоведе и во Грција не даде скоро ништо на селаните. Населението било задолжено со неподносливи тешки даноци кои тие не беа во состојба да го плаќаат. Затоа бројот на  наредбите за апсења на тие што не го платиле данокот достигнал до 300 илјади, што доведе до вооружени демонстрации и бунтови.

Особено населението на Егејска Македонија, се најде под удар на големата светска криза што избувна 1929 година. Тешката состојба и ставот на КПГ за обединување на Македонија во рамките на рамноправна федерација на балканските народи имаше огромно значење за привлекувањето и организирањето на Македонците во Грција.

Веднаш по одржувањето на V конгрес на КПГ, во март 1934 година беше свикана конференција во Воден за основање на ВМРО (Об). Поддршката на КПГ, ќе ја поттикне  ВМРО (Об) да истакнува барања за отворање на македонски училишта и за употреба на мајчиниот јазик во општествениот живот, како и за други национално-културни права. Оваа поддршка може многу добро да се види од барањата кои се изнесуваат во наредните две години преку нивниот официјален орган весникот „Ризоспастис“.

Покрај организацијата, во весникот се објавуваат ставови, апели, барања и сл. на групи или поединци од македонскиот народ. Така во октомври 1934 година на страниците на овој весник е објавено писмото на еден Македонец од Лерин под наслов „По страната на Македонците-Македонците одговараат“. Во писмото во кое е зачуван јазикот, напишан на лерински говор со грчки букви (Ριζοσπάστης 203 (7141), З.Х.1934, а. 5.), авторот кој е потпишан само како Македонец од Лерин, обраќајќи се до своите „Другари, браќа Македонци“! ќе напише:

„Ал се азардисфа (подготвува) многу силно грчкио капитал за новио бој и за да направи фашистика дихтаторија (диктатура) за това сака да ве земи и вас како него за да можи сетне повеќе да ве тиранисфа и да ве екметалесфа (искористува) и со тој ум да ви ги занесе деците во Атина грчкиот капитал и Симо Станофцки, што е едно куче шо му ги глипса (лаже) главите на грчкиот капитал и се мачи заедно со него да ве врзи така шо да не можите никој пат да се куртулите од грчкиот капитал и да се ослободите. Пулете и добро тие шпионите зашчо се тие шо саке со дихтаторија шо ја азафдисфе да ве направи со оган и железо да го научите грчкио език и да не зборвате македонцки шо ви е мајкин ви език. Се тие шо саке да ве занесе на новио бој за добро на зенгините (богатите) и ќи си ги вопне (наполни) опе касите со крфта и со коските на сиромасите Македонци. Се тие шо го зеве и најсетното комече леп и шо ве праве да бегате по чужџините за да не ве остае сетне да се врните назат зашчо сте Македонци.

Затова, другари, браќа Македонци, треба прву и прву да му плуните на лицето на шпиуно и на фашистата Симо Станофцки и да не се измамите други пат и да му ги дајте деците за такви работи шо се за добро на зенгините и за лошо ваше. Да посакате од коџобашиите 500 драхми шо ги даде селото за сфекој Македонец шо ојде во Атина да ги дади царскиот и грчкио капитал. Посакајте да зборват македонцки и на графијата (државни служби, администрацијата) и на судо и на сфекаде. Посакајте да му даде право да си гредит (дојдат) македонцките деца от чужџините. Посакајте да се платвате кусур и викнете сфите заедно: „Македонија за Македонците! Долу бојо и фашистиката дихтаторија и ајде да ја ослободиме Македонија и Тракија“.

Можноста да го изразат својот став преку овој печатен медиум се менува со воведувањето на Метаксасовиот диктаторски режим во август 1936 година. Новиот режим ја стави вон закон КПГ, весникот беше забранет и пристапи кон масовни прогони, апсење и интернирање на функционери и активисти на КПГ и на ВМРО (Об). Со тоа беше разбиена и ВМРО (Об) во Егејска Македонија, која за време на своето краткотрајно постоење придонесе за поврзувањето и активизирањето на Македонците во борбата за социјални и национални права.

Македонска нација

- Реклама -