Македонска нација
Имаме убаво библиско име Македонија кое не трпи компромиси. Име кое секој во светот го познава и со стравопочит го изговара. Име бренд, чие право денес сака да го оспорува Грција. Дали тоа значи дека треба да попуштиме пред Грција и да си го смениме нашето уставно име? После се` што има поминато македонскиот народ, особено од 1913 година до денес, одговорот е не. Никој нема право да тргува со нашето древно име кое не трпи компромиси.
Поделбата на Македонија со Букурешкиот мировен договор од 1913 година, чии делови ги анектираа нашите соседи, потоа дистанцирањето од древните Македонци поради комунистичката политика и единство на словенството по Втората Светска Војна, како и прифаќањето во 1993 година на референцата ПЈРМ од страна на Киро Глигоров и Бранко Црвенковски, се основните причини поради кои денес го имаме неметнатиот спор со Грција.
Изминаа повеќе од две и пол децении од осамостојувањето на Македонија, по што Грција го наметна спорот околу името. Изминаа многу години на преговири меѓу Грција и Македонија. Меѓутоа, во овој период, Грција постојано го прекршува членот 11 од Времената спогодба во кој се вели дека Република Грција не смее да го попречува аплицирањето на Македонија за членство во меѓународни организации, ниту пак самото членство, доколку Македонија и Грција во тој процес постапуваат согласно воспоставените норми. Грција постојано го опструира членството на Македонија во ЕУ и НАТО и покрај пресудата на Меѓународниот суд на правдата.
Притисоците и уцените на Грција за Македонија да го смени името доколку сака да влезе во ЕУ и НАТО, континуираното држење на дистанца на Македонија од евроатланската интеграција не се рационално решение. Тоа може дополнително да ги усложни односите на балканските соседи, што не се во интерес ниту на ЕУ, ниту на НАТО. Грција со своето уценување на Македонија, дефинитивно го нарушува економскиот, трговскиот, односно безбедносниот приоритет на ЕУ и НАТО на овој дел од Балканот.
Изминатите години на преговори покажува дека не е само во прашање името, туку дека се работи и за идентитетот на македонскиот народ.
Во такви услови притисокот се сведува врз нашата земја, иако тие се свесни дека за разлика од Грција, Македонија има поголема заслуга за стабилноста на Балканот, но и во борбата против тероризмот во светот. Оттука постојано го слушаме одговорот од меѓународната заедница: „Решето го спорот со името, ако сакате да бидете дел од ЕУ и НАТО“.
Меѓутоа, со оглед на позициите кои ги има Грција во ЕУ и НАТО, ваквите предлози предизвикуваат загриженост кај Македонците, кои веќе не можат да прават компромиси.
Македонците до сега премногу имаат направено, а за возврат немаат ништо добиено.