SpaceX го одложи планот за праќање туристи околу Месечината

Со потег кој реално не е воопшто изненадувачки, компанијата SpaceX ги одложи плановите за праќање на двајца туристи на приватно патување околу Месечината. Вселенскиот туризам ќе мора да почека на Елон Маск, кој вели дека не се откажува од идејата.

Како што пишува The Wall Street Journal, амбициозната компанија ја одложува мисијата со која двајца туристи кои можат да си го дозволат тоа требаше да бидат пратени на обиколка околу Месечината.

Патувањето до Месечината, околу неа и назад на Земјата би требало да биде долго околу една недела. Мисијата со сигурност нема да се случи во 2018 година, а од компанијата SpaceX не понудија датум или период кога би можела да се случи. Претставникот на Space X, Џејмс Глисон, рече дека тие и понатаму планираат да ја остварат оваа мисија и дека таа привлекува голем интерес кај луѓето.

Прочитајте и:  Трамп не успеа да го види фаќањето на ракетата на SpaceX, таа се спушти во Индискиот океан

Компанијата на чие чело седи Елон Маск објави дека го почнува проектот за вселенски туризам уште на 27 февруари 2017 година, и потврди дека двајца анонимни граѓани на САД веќе се пријавиле за ова патување, оставајќи „значително голем“ депозит. Плановите беа во текот на оваа година да се започне со тренинзи и медицински прегледи, но сега компанијата сфати дека сето тоа било избрзано.

Оваа година SpaceX неколкупати ги одложуваше новите проекти. Знаеме за популарното одложување за лансирањето на ракетата Falcon Heavy, која сепак набрзо потоа беше лансирана со голем успех.

SpaceX, како и Елон Маск, во последните неколку месеци поминуваат низ тежок период, посебно кога тој ќе се спореди со успешната 2017 година, кога изгледаше дека сѐ им поаѓа од рака.

- Реклама -