Мите не јаде цреши

Пишува: Проф. д-р Катерина Тодороска, за АКО.мк

Дниве често одам на Бит Пазар, некогаш за потребштини, некогаш само за да го почувствувам духот на народот.

Вчера на поминување низ тезгите видов едно детенце скромно облечено, тивко дури и уплашено ја држеше раката на татко си и му покажуваше на соседната тезга. Со насолзени очиња и тивко гласче го молеше татко му да му купи цреши. По неколкуминутно натегање детето доби грст цреши.

Првата помисла ми беше Мите. Мите и Миткојца се многу драги пријатели на моите родители, со кои (и нивните синови) имаме поминато преубави моменти. Во една прилика, татко ми и чичко Мите се „натфрлаа“ чија цреша израсна во поубаво дрво, чија цреша повеќе раѓа итн. Така стигнавме и до приказната, како и зошто чичко Мите насадил цреша.

Во времето кога растеле неговите синови, домашните приходи биле ограничени на скромната плата која овозможувала пристоен живот, но не и луксуз. Чичко Мите како секој добар домаќин секогаш купувал потребштини за дома, а секоја пролет најголема радост предизвикувале црешите. И така, купениот грст цреши кои се врзувале една за друга ги снемувало за миг. Ама, за Мите цреши не останувале, а тој гледајќи ја радоста на синовите знаел да каже: Јас не јадам цреши. И така со години се додека Мите не засадил цреша , а таа почнала да дава плодови поголеми и поубави од оние купените. Набрал цреши и уживал во нивниот вкус. Тогаш, еден од синовите, веќе пораснато момче го видело татко си како јаде цреши и изненадено го прашал: Татко, нели ти не јадеш цреши? А Мите му одговорил: Не јадам кога нема.

Со помислата за скромниот убав живот кој го живеевме и за саможртвата на нашите родители во периодот кога растевме, вчеравечер стигнав до еден од најголемите маркети. И таму знам да отидам за да „отепам“ време додека ги чекам децата од сенешто. Ме пречека сосема друга слика, која веројатно не би ја забележала доколку не беше утринската случка.

Мајка и баба го молеа едно дете да му купат некоја кифла оти не било јадено, а богами не беше за жалење со килажа. Тоа се трескаше од земја оти не сака ваква, туку сака таква, а потоа таквата не чинеше, оти онаа онаквана била со повеќе чоколадо. И сакав да искоментирам, ама ме пресекоа мама и баба: “Сонце, ајде да купиме по една од сите и дома да ја јадеш онаа што ќе ја сакаш“. И слушате лигаво детско гласче: „Мрш мори, ништо не јадам. Смрдло една“.

Текстот продолжува на АКО.мк

- Реклама -