Без разлика која е причината за климатските промени, никој не може да го оспори фактот дека Земјата во последните неколку години стана потопла. Поради ова затоплување поларниот мраз брзо се топи, поради што најмногу страдаат животните кои долго време ги нарекуваа половите дом.
Совршен пример е белата мечка. Лос Анџелес Тајмс пред неколку дена објави приказна за сè потоплото време во Алјаска, и ефектот на промената врз една мечка. Оваа мечка направила епско патешествие во потрага по мраз, и нејзината приказна е и трагична и инспиративна. Според написот белата мечка, женка која била набљудувана од неколку тимови научници преку нејзиниот GPS ремен, поминала девет дена пливајќи преку Бофоровото Море во Алјаска во очајна потрага по цврст мраз. На почетокот на патешествието таа со себе го повела своето мече, кое за жал не ја преживеало ниската температура на патувањето долго 685,5 километри; за време на потрагата мечката исто така загубила околу 45 килограми (22 проценти) од својата тежина.
„Нашите податоци за нејзината активност наведуваат кон заклучок дека таа пливала постојано сите девет дена, без воопшто одмор. Тоа е навистина неверојатно“ изјавил Џорџ Дарнер, зоолог кој предводи студија за миграцијата на белите мечки. „Имаме набљудувано и други маратонски патувања. Не верувам дека до сега сме виделе патување кое траело олку долго, и во време и во поминато растојание… Колку често се случува вакво нешто? Сè уште се обидуваме да дознаеме.“
На емисијата 60 Минути, дописникот Скот Пелеј во 2006 година рекол дека научниците веруваат дека белите мечки ќе бидат изумрени пред да заврши векот ако продолжат моменталните климатски трендови. Научникот Боб Корел му кажал на Пелеј дека забележал вртоглав пад кај популацијата на бели мечки поради топењето на поларниот мраз, и додал дека оние мечки кои живеат денес се послаби од нивните претходни генерации. [Polar bear swims for 9 days, 426 miles to find ice for refuge]