Минатата недела Град Скопје и изведувачот ГП „Бетон“ постигнале договор мостот на кој требаше да стои панорамското тркало, наместо да се руши, да се догради по пониска цена од таа во првичниот договор, пренесува порталот „Сакам да кажам“. Наместо 7 милиони евра, договорено е Град Скопје да доплати 3.1 милиони евра.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов вели дека за уривањето, заедно со заостанатите плаќања и обврските кон германските партнери, градот би требало да издвои 3 милиони евра. Вака, договорено е за истата цена мостот да се догради.
Според новиот проект, мостот ќе функционира како пешачки мост, ќе нема барокни елементи, и ќе има проѕирна ограда, за да се гледа Камениот мост. Што се однесува до изградбата на Панорамското тркало, таа е стопирана.
„Градот нема потреба од него, цела среќа е што не е платено, па барем тука ќе заштедиме народни пари“, вели Шилегов.
Мостот е почнат во 2014 година, а изградбата требаше да чини 18 милиони евра. Досега на изведувачот му се исплатени 10 милиони евра.