Мрзата не постои, вели психологот Лаура Милер во статија за Psychology Today. Според неа, „Обвинението за мрзеливост кон некого е често користена критика, но која на ниеден начин не ни помага да разбереме зошто тој некој не прави напори да го направи она што сака или што се очекува од него”.
Со други зборови, ние оценуваме некого за неговите постапки (или почесто – за неговата неактивност) без да ги знаеме причините за неговото однесување. А причини може да има многу и тешко дека можеме да ги наброиме во една статија.
Но можеме да наведеме и да размислиме за неколку од нив.
Депресија – На физичко поле, најчести симптоми се замор, недостаток на енергија, недостаток на апетит, болки во зглобовите и мускулите, чувство на физичка исцрпеност и олабавување на телото. Во главата е уште полоша – чувство на беспомошност, безнадежност и бесмисленост, празнина, недостаток на мотивација, неможност да се доживее задоволство, итн. Таквото лице седи, лаже, гледа во една точка (или на екранот на компјутерот), не прави ништо и често не зборува. И сосема е нормално тоа да изгледа мрзеливо во очите на останатите.
Страв од неуспех – Некои луѓе имаат големи идеи и планови, но ретко ги спроведуваат брзо. Ги одложуваат, ги преиспитуваат деталите, го менуваат првичниот концепт, понекогаш паѓаат во очај, па потоа се враќаат на работата. Но острана изгледа како да се мотаат, како да ги мрзи, а често и се нарекувани неодговорни. А тие едноставно се плашат дека ќе пропаднат, дека ако “нештото” со кое се занимаваат не биде совршено, значи ништо не направиле.
Страв од отфрлање/од неодобрување – Луѓето со такви стравови обично се пасивни, а ќе завршат работа само ако ги натерате. Тие не преземаат никаква иницијатива за ништо од страв да згрешат и да бидат критикувани. А тоа веројатно го научиле уште во детството – „Не може да ги миеш стаклените чаши, може да ги скршиш“, „Не се качувај на дрво, зашто ќе паднеш и ќе се искршиш“, Не прави тоа, не прави она… По неколку години тие реплики преоѓаат во „Како може да си толку мрзелив/а?”, „Нема ли барем еднаш сам/а да решиш да завршиш нешто?”
Страв дека не си доволно добар/а, вешт/а, талентиран/а – Ниската самодоверба, недовербата во сопствената сили, вештини, таленти, исто така можат да ја убијат мотивацијата за вршење на една или друга активност. Овие луѓе не се мрзливи, но речиси не излегуваат од својата нормална рутина, претпочитаат да не ризикуваат со нови активности и иницијативи, за да не „блесне“ пред другите вистината за нивната “просечност”.
Страв од конфликти – Многу луѓе се загрижени дека ако директно ја изразат својата иритираност или незадоволство, ќе ги повредат другите и ќе ги влошат односите со нив. За да ги избегнат конфликтите, тие незадоволството го кријат длабоко во себе. Тоа понекогаш го изразуваат индиректно преку “мрзеливост”, одбивајќи да ги вршат вообичаените активности или одолговлекувајќи на начини што ги нервираат останатите (тука ни текнува на еден одличен твит: „Каснам зашто не ми се доаѓаше“). Сепак, ова однесување е познато кај психолозите, но како пасивно-агресивен начин на комуникација, и некаков вид на вообразеност и понекогаш несвесна одмазда. Ама не како мрза.
Се разбира, постојат и други состојби, освен стравовите, зад маската на мрзата – отпор, недостаток на мотивација, премореност, потреба од внимание, а често и физички причини – како недостаток на витамини и минерали, на пример. Важно секогаш постои причина!
Американскиот психолог Леон Селтцер (Leon F. Seltzer, Ph.D), професор во Кливлендскиот универзитет и со 30-годишна пракса на психотерапевт, идејата дека некој е „природно мрзлив“ или дека постојат „мрзливи личности“ ја оценува како мит.
„Мрзата не постои. Тоа е само еден збор што сме го создале за да си објасниме нешто подлабоко и посуптилно, нешто што повеќе би сакале да го игнорираме. Сфатете го тоа (‘мрзата’) како симптом. Тоа е само знак дека нешто друго се случува под површината“.