На 24 март, во мрак потонаа над 8.000 града во повеќе од 180 држави ширум светот, а меѓу нив и Македонија. Часот на планетата Земја почна како симболичен настан во Сиднеј во 2007 година, а сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.
Видео и фото материјалите од одбележувањето на Earth Hour во Македонија, особено Скопје и Охрид, ги прошетаа светските медиуми. Посебно беше поздравена акцијата со засадување на илјадници дрвца низ целата република.
„Македонија минатата сабота масовно се вклучи во акцијата Часот на планетата Земја и уште еднаш испрати силна порака против климатските промени. Во мрак потонаа над 80 локации, беа засадени илјадници дрвца, се трчаше маратон од пет километри, а републиката доби и два парка посветени на планетата Земја. Во Скопје, пак, уживавме во акустичен концерт и забава со флуоросцентни бои. Најважно од сé е тоа што мотивиравме илјадници граѓани низ Македонија и уште милијарди повеќе низ целиот свет дека секој од нас има моќ да направи промена и заеднички да испратиме силна порака за спас на планетата Земја!“, изјави Ѓорги Селков од Канцеларијата на Часот на планетата Земја во Македонија.
Во продолжение уживајте во „инсертите“ од одбележувањето на #EarthHourMK 2018, и веројатно ќе сфатите зошто и на светот толку му се бендисаа.