Тажна глетка, 150 китови насукани на плажа на западниот брег на Австралија (ВИДЕО)

Околу 150 кита се насукаа на плажата Хамелин Беј во Австралија, околу 300 километри јужно од Перт. Китовите рано утринава по локално време ги забележале рибари и веднаш ги повикале спасувачките служби.

Повеќе од половина китови умреле, соопштија австралиските власти. Операцијата за спасување сѐ уште трае.

„Тежината на китовите и временските услови ни ја отежнуваат работата. Дефинитивно ќе ни ги отежни напорите да ги вратиме китовите во морето“, изјави Џереми Чик од Одделот за паркови и дивина.

Станува збор за китови пилоти, вид познат по масовните насукувања. Австралиските власти објавија предупредување за опасност од ајкули.

„Постои можност загинатите животни да ги привлечат ајкулите во близина на брегот“, се вели во соопштението. Експертите сѐ уште не ја знаат причината за насукувањето на китовите. Се сомнева дека тоа го прават кога се болни, повредени или ќе згрешат во навигацијата, а понекогаш со тоа им испраќаат сигнали на останатите животни.

Моменталниот рекорд датира од 1996 година кога во Австралија се насукаа 320 китови.

https://www.facebook.com/albanyadvertiser/videos/1536227729766444/

- Реклама -