Некои баби се само баби, а некои се уметници во Microsoft Paint. Меѓу овие вториве, а веројатно и единствена, е 87-годишната Конча Гарсија Заера. Paint го открила кога децата ѝ подариле компјутер, и оттогаш го нема изгасено, што се вели.
„Мојот сопруг легна болен во постела, а јас морав да се грижам за него, па не можев многу да излегувам“, вели за Ел Мундо. „Почнав да цртам мали нешта; Прво куќа, па следниот ден ќе додадев планина… Чекор по чекор, додавав сé повеќе детали, и на крајот резултатот беше нешто многу убаво“.
Кога се работи за Paint, Конча е дефинитивно уметник. Но во реалноста, таа нема ни „е“ од она фамозното уметничко его. Тоа се гледа и од начинот на кој зборува за себе.
„Јас воопшто немам имагинација, па наоѓам инспирација во разгледниците што сопругот ми ги праќаше, или цртежи што ги наоѓам и ми се допаѓаат“.
Според Vanguardia, Заера поминува по околу 2 недели на еден цртеж, со интензивен фокус на деталите.
Бабичката своите дела обично ги прикачувала на Фејсбук, но потоа внуките ја советувале да се префрли на Инстаграм. На 9 март, бабичката имала 300 следбеници. Во моментов, ги има над 108.000.
„Баш и не разбирам зошто моите цртежи привлекуваат толку многу внимание. Јас сметам дека се баш едноставни“.
Е па нели е срцка?