Зошто чукаме во дрво?

Чукни во дрво… Чукни три пати…

Суеверни или не, понекогаш и потствесно ќе чукнете во дрво во стилот „недај боже“ или „пу, пу, да не урочам“. Ако мислевте дека ова е балкански феномен и дека на друго место во светот не чукаат во дрво, грешите.

Па зошто тогаш го правиме?

Исто како и вас, многумина и од Европа и Северна Америка чукаат во дрво потполно несвесно, што покажува колку всушност длабоко е вкоренета оваа традиција низ разните култури.

Луѓето често чукаат во дрво кога ќе изговорат некаква реченица која „ја предизвикува судбината“. Со чукањето во дрво, демек, спречуваме нештото да тргне на лошо. Но, да го разгледаме историското значење.

Кои биле првите што почнале да чукаат во дрво?

Пред доаѓањето на христијанството и исламот, во време на паганството, разните култури од Ирска па до Индија ги сметале стеблата на дрвата за идоли. Некои ги користеле за пророкување на судбината, други во религиски ритуали, а трети (како Келтите) сметале дека стеблата се дом на древните богови и духови.

Кои биле првите што чукале во дрво е и можеби ќе остане предмет на расправа. Меѓутоа, авторите Stefan Bechtel и Deborah Aaronson во своите книги „The Good Luck Book“ и „Luck: The Essential Guide“, наоѓаат поврзаност меѓу тие стари духови во дрвата и денешната навика да чукнеме во дрво.

Историското значење

Една од можните верзии е дека првите пагани кои ја населиле Европа чукале во дрво – од кое ги правеле и куќите – за да ги истераат лошите духови од дрвата за да не им ги слушаат домашните разговори. Или во контекст на тоа погоре, можеби за да не им даваат идеи како да им наштетат кога ете, ќе речеле нешто предизвикувачко за судбината.

Другата верзија вели деки некои од паганските култури ги обожувале овие духови во дрвата, па така, ги ставале двете раце на дрвата за им носат добра среќа.

Вака или така, еве го, чукањето во дрво во видоизменета форма постои и до денес, и тоа во огромен дел од светот. Во секој случај, секаде се сведува на барање заштита од завист и зло, пишува Bechtel во својата книга.

Денес

До 1800-тите години, многу детски игри во себе го содржеле и чинот на чукање во дрво, а до 1900-тите станало широко прифатена традиција во Северна Америка и Британија, а потоа и во остатокот од Европа.

Денес кај разните култури постојат благи варијанти на обичајот. На пример, во Шпанија се допира дрво по некој настан кој би можел да донесе лоша среќа, а некои Британци и Американци некогаш го допираат дрвото на неколку секунди, други само ќе чукнат. Во Романија се верува дека со чукање во дрво генерално се избегнува лоша среќа, а во Бугарија се чука во дрво за да се избегнат лоши вести. Горе доле, пак сé се сведува на истото значење: „зло, бегај подалеку од мене“.

 

- Реклама -