Вевчани, место каде природата ги дала најголемите убавини. На патот кон Струга, после селото Велешта, во падините на планината Јабланица е сместено едно најубавите македонски села. Доколку патувате од Охрид, оддалечено е 30km.
Кога ќе стигете таму на сред село ќе ве пречекаат љубезните жители на Вевчани, кои со душа чекаат посетители за да ги раскажат легендарните приказни врзани за ова место. Освен што е препознатливо по традиционалниот карневал кој секоја година се одржува на Василица 13ти и 14ти јануари, Вевчани изобилува со неверојатна природна убавина, а вистинска атракција се Вевчанските извори.
За да стигнете до изворите потребни ви се 10-тина минути од центарот на селото нагоре, следете ги ознаките и уживајте во старите уникатни селски куќи кои пленат со својата топлина.
Во пределот кај изворите направена е посебна пешачка патека, можете да најдете и дрвени клупи и масички. Уживајте во зеленилото и звукот на водата.
Преку спојот на дрвото и каменот, традиционалните предмети и старото огниште овде ќе ја почувствувате топлината што ја овозможува нашата земја.
Ова е единственото село во Македонија со вистински градски шмек. Покрај тоа што Вевчани си се избориле за самостојна локална самоуправа, во суверниците во ова село ќе ви издадат и пасош, а можете и денарите да си ги замените со личници, валутата на оваа т.н. држава. Уште во југословенската држава Вевчани одржале граѓански протест со обид за воведување вевчански пасоши и валута, кога насилно се настојувало да им се одземе еден од богатите Вевчански извори за водоснабдување на Елен Камен. Како резултат на тоа, во последниве 20 години Вевчани станаа симбол на локална самоуправа, моќна да им се спротивстави на централните власти, кога не е испочитуван локалниот интерес.
Земете пасош, но со него не поминувајте граници!
Извор: Скопје24