По 8 години изградба, лани некаде во јуни Кина го доби најлудиот надвозник во светот. Има 5 нивоа во сите насоки, и повеќе личи на порција шпагети отколку на автопат на кој човек може да се снајде.
Се вика Huangjuewan и се наоѓа на надворешноста на Чонгкинг – преполна метропола во југозападна Кина. Структурата има 5 слоеви на сообраќај, а највисокиот е на 37 метри од земјата. Има најмалку 15 рампи кои им овозможуваат на возилата да прејдат од едно ниво кон друго, во 8 насоки.
Од Градскиот комитет за урбано и рурално градежништво велат дека комплексниот дизајн бил неопходен за да се поврзат срцето на градот, аеродромот, експресната железница и сл. Секоја рампа води кон различна област.
Меѓутоа, интернет и ден денес пука сеир и зафрканции на сметка на подвозникот. Дел од коментарите се вакви:
„Ако промашиш излез, ќе стигнеш во Чонгкинг еден ден подоцна“
„Мојата GPS навигација ми рече да ја оставам на мир и да одам кај сакам“
„Чонгкинг, градот што не можеш да го напуштиш“.
Додуша има и такви што се пофалија дека го поминале без навигација, ама кој ни гарантира дека не лажат?