Една јужноиндиска држава ќе стане првата во светот која нуди импланти за зголемување на градите за сиромашните, финансирани од јавни средства, т.е. буџетот.
Локалните власти во Тамил Наду ќе ја стартуваат бесплатната услуга во среда, а ќе ја обавува клиника во главниот град Ченај.
„Ако не ја овозможиме процедурата бесплатно, луѓето можат да изберат опасни методи или да земат огромни заеми за тоа“, вели државниот министер за здравство.
Клиниката веќе некое време извршува реконструктивни операции на градите за пациентите со рак, но сега услугата ќе се прошири и за тие што сакаат корекција на градите и од други медицински, како и естетски причини.
Како што наведува раководителот на одделот за пластична хирургија во клиниката, некои од пациентите сакаат намалување на градите, за да ја намалат/излечат болката во рамото и грбот, додека другите сакаат да ги зголемат градите за поголема самодоверба.
„Има и психолошка полза. Многу од девојките кои имаат поголеми гради не сакаат да излегуваат надвор. Нема причина таквата хирургија да биде ограничена само за богатите“, велат властите.
Процедурата ќе биде достапна и за мажи. Естетската хирургија бавно расте во земјата. Во 2016-та (од тогаш се последните официјални податоци) имало 420.000 процедури, за разлика од 390.000 пред 6 години. Од нив, во 2016-та се извршени 25.640 хируршки интервенции за намалување на градите кај мажи.
Освен корекција на градите, клиниката во Ченај исто така ќе прави и бесплатни корекции кај деца со зајачка уста, како и трансплантации на раце, како и други процедури.
Тамил Наду е држава позната по своето богатство, а под раководството на поранешниот главен министер беа создадени и бесплатни кујни за хранење, се делеше бесплатен накит (главно бижутерија, додуша) за свадби и слично.
Не сите ја поддржуваат новата идеја. Според критичарите, властите треба да се фокусираат на операции што спасуваат животи, а не на такви за убавина.