Научниците знаат зошто нé погоди леден бран

Додека Европа е под канџите на ледениот бран кој го нарекуваат „Ѕверот од истокот“, температурите на Северниот пол пораснаа и за 30 степени, велат научниците, што е повеќе од зимскиот просек за ова подрачје.

Не само што регионот околу Северниот пол моментално поминува низ најтоплиот февруари од 50-тите години на минатиот век, туку и метеоролошките станици регистрирале високи температури (во споредба со очекуваните во овој период од годината) 9 дена по ред.

На 25 февруари температурите биле над точката на замрзнување цели 24 часа без прекин, а тоа е нешто што е незамисливо во февруари – во овој период најсеверното подрачје не го ни фаќа сонце.

Научниците истакнуваат дека да, ова се случувало и порано, ама никогаш толку често и интензивно како во последните 4 години. Причината за ледениот бран, велат, е „упадот на топол воздух“ кој носи голема влага на Северниот пол.

Со други зборови, промената на климата на Северниот пол предизвикала поместување на студениот арктички воздух кон Европа, а тоа би можело да стане почеста последица од климатските промени предизвикани од човечки фактор.

Прочитајте и:  Грета Тунберг: Климатската конференција на ОН во Баку е само „црн хумор“ наместо вистинска климатска акција

Метеоролошката станица Кејп Морис Џесуп, која е лоцирана на најсеверната точка на континентален Гренланд, регистрирала рекордни 61 час температури над просекот за ова географско подрачје, и тоа само од почетокот на 2018-та наваму. Научниците сметаат дека тоа е причината за топењето на Арктикот, иако е во зимски мрак.

„Никогаш не било вака екстремно“, вели Рут Мотрам, научник од данскиот Метеоролошки универзитет.

„Главното прашање е дали ваквите појави ќе зачестат. Ова е само еден случај, па тешко е да се направи паралела со иднината“, вели професор Ларс Лакешк.

 

Сепак, резултатите од неодамнешните студии покажуваат дека струењето на топлиот воздух станува сé поредовно на Северниот пол, а намалувањето на мразот во Арктичкиот океан дозволува потоплата вода да испарува во атмосферата. Тоа предизвикува мешање на струите и поместување на студените бранови кон југот. Како резултат, имаме Северен пол што моментално е потопол од Европа.

- Реклама -