Руската државна телевизија емитуваше видео клип кој наводно е од бруталната војна во Сирија. Меѓутоа, во клипот се најде и снимка од видео играта ARMA 3.
Сегментот трае само миг, ама интересното е што ова не е првпат руските медиуми, руските амбасади, па и Путин, да користат видео игри во сериозни цели. А и не се само руските.
Интернет корисниците имаат неколку теории зошто се случува ова. Најверојатната е дека видео игрите изгледаат сé пореално, особено што се во боја и ја покажуваат перспективата на снајперистот, на пример – нешто што тешко би можеле да го видиме на реална снимка.
(моментот е на 0:03 во видеото)
Другата теорија е дека сегментите од видео игри во вестите се само суптилен другарски поздрав до гејмерите (еден вид намигнување), а некои трети сметаат дека тоа се „повици за помош“ од луѓето кои работат на монтажата и се приморани „да монтираат пропаганда“.
Играта ARMA 3 излезе во 2013-та година. Дејствието се случува во футуристички свет во 2030-та година, во кој силите ги мерат Русија и НАТО. Затоа, да се надеваме дека клипот е само мајтап, а не и предвидување за тоа што ќе се случува во иднина.