Британската Унија за заштита на медицинските работници неодамна ги советуваше докторите во Велика Британија да не ги гушкаат пациентите. Причината? Тоа може да биде погрешно сфатено и во поединечни случаи да резултира со тужба.
Наместо прегратка, на докторите им се препорачува во знак на утеха (кога соопштуваат неизлечива дијагноза, на пример) да понудат ракување. Ако пациентот сепак го прегрне докторот, на докторот му се советува тоа да го документира.
Правниот тим на Унијата е свесен дека докторите треба да пружат утеха и да покажат емпатија, но физичкиот контакт може да биде погрешно толкуван, особено ако е проследен со други постапки што пациентот може да ги смета за несоодветни. Резултатот може да биде тужба или истрага…
Затоа, правниот тим препорачува дека ако вознемирениот пациент сепак тргне да го прегрне докторот, овој би требало да процени како ќе реагира врз основа на претходното познавање на пациентот. Притоа треба да ги земе во предвид и неговите години и старост. Се препорачува докторот да се оттргне од прегратката, со образложение дека тоа е непрофесионално.
Во Велика Британија просечен доктор по општа пракса има до 70 консултации со пациенти дневно. Тоа е трипати повеќе од препорачаниот број, а според логиката на Унијата, тоа се и трипати поголеми шанси докторот да јаде тужба. Во просек 40 од тие контакти се лице во лице. Европската Унија препорачува не повеќе од вкупно 25 консултации во текот на еден работен ден.
Предупредувањето до докторите во Британија доаѓа откако старателските семејства што привремено чуваат деца без родители беа предупредени дека не смеат да ги гушкаат децата за кои се грижат, во страв од тужби за злоставување.