Индексот на перцепција на корупција (The Corruption Perception Index, aka. CPI) тукушто ја претстави листата на најкорумпираните (и најнекорумпираните) земји во светот за 2017-та година. Настрана Македонија, и општиот резултат не изгледа добро.
Листата ја составува Transparency International, која рангира вкупно 180 земји според перцепираната корупција во јавниот сектор. Се користи индекс од 1 до 100, со тоа што колку повисок е скорот, толку подобра е дадената земја во справување со корупцијата. Скор под 50, на пример, значи дека земјата има сериозен проблем со корупцијата.
На врвот на листата (значи најмалку корумпирани) се Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска. Ама, дури две третини од земјите имаат скор под 50, со просечен скор од 43.
А Македонија?
Македонија има скор од 35, прилично далеку под просекот. На листата е рангирана дури 107-ма.
Во меѓувреме, на светско ниво, не изгледа дека нештата ќе се подобрат во скоро време. Повеќето земји бавно напредуваат во своите напори да ја запрат корупцијата. Во последните 6 години, само малку земји значително го подобриле скорот – меѓу кои и Брегот на слоновата коска, Сенегал и Велика Британија. Позначително се влошиле Сирија, Јемен и Австралија.
CPI индексот е еден од најпознатите мерки на корупција. Базиран е на податоци од повеќе институции, но доминантно од прашалници на кои одговараат бизнисмени од куп земји ширум планетата.
Се разбира, скорот не треба да го земаме здраво за готово. Прво, невозможно е прецизно да се измери перцепцијата на корупцијата, а како второ, невозможно е да се земат во предвид и комплексните индивидуални проблеми со кои се соочуваат земјите.