Кога и самите богаташи ќе почнат отворено да зборуваат дека требало да плаќаат повеќе даноци, значи ептен ја имаме утнато работата.
Во новото интервју за CNN, муабетот од тема во тема стигна и до даноците. На прашањето од водителот дали нема да му пречи да плаќа повисоки даноци, Бил Гејтс одговори:
„О не, јас дефинитивно треба да плаќам повисоки даноци. Имам платено повеќе даноци – над 10 милијарди долари, од било кој, но владата би требало да бара луѓето на мојата позиција да плаќаат значително повисоки даноци (од тоа)“.
Неговиот одговор беше проследен со насмевка што можеше да значи само едно: „Луѓе, вие појма немате. Ние богатите дефинитивно треба да плаќаме мнооооооогу повеќе од ова“…
Според индексот на милијардери на Bloomberg, Гејтс е вториот најбогат човек во светот, со богатство кое се проценува на околу 92 милијарди долари.
Гејтс, кој си зема обврска да донира најмалку половина од своето богатство во добротворни цели, го критикуваше неодамна усвоениот закон на Републиканската партија, кој според него ќе биде од полза најмногу за компаниите и супербогатите.
„Тоа не беше прогресивен закон за данок, туку регресивен”, вели Гејтс. „Луѓето кои се побогати ќе имаат корист многу поголема од луѓето во средната класа или сиромашните. Тоа е спротивно на општиот тренд кој би сакале да го видиме – ‘спасувачката мрежа’ за сиромашните да биде поголема, а оние на врвот да плаќаат повисоки даноци“.
Минатата есен над 400 американски милионери и милијардери, меѓу кои Џорџ Сорос, Стивен Рокфелер, Бен Коен и Џери Гринфилд, напишаа отворено писмо со кое повикаа Конгресот на САД да не ги намалува даноците за богатите.
Повелете целото интервју. За даноците зборува од 5:43 во видеото (главниот момент е на 6:05).