14 години Фејсбук се сосема доволни за да сфатиме дека луѓето не се тоа што се.
Фејсбук тотално го девалвираше сфаќањето за пријателството. Спријатели луѓе кои никогаш се немаат видено, и други, кои никогаш не би сакале да се видат.
Фејсбук раскина многу пријателства, симна многу маски, создаде уште повеќе нови (маски) и го извади на виделина најхистеричното во луѓето. Од културни и воспитани луѓе направи маргиналци, а од маргиналците – инфлуенсери (aka. влијателни) во една бескрајна парада на суетата.
Фејсбук ја трансформираше претставата за вистината
Никогаш немало повеќе вистини од сега. Фејсбук го корумпира сфаќањето за вест и ги маргинализира фактите. Кому му е гајле за факти кога тие не собираат лајкови?
Фесјбук се покажа како виртуелен доказ за дијалектичкиот материјализам – на масата ѝ наметна претенција за квалитет и ги направи луѓето рамни, но ја демократизираше мислата до отаде рационалното, правејќи место во прв ред за незауздана емоција и афект.
Колективните чувства станаа економски фактор, а Фејсбук најдобро го знае тоа. Бизнисот зависи од нив, а социјалната мрежа широко ги отвори вратите за новата политика насекаде во светот, политика која се сведува на владеење на афективни колективни состојби како патриотизам, паника и страв.
Фејсбук го промени зборот, го прогони хуморот и на нивно место ја насели желбата за морална доминација. Читањето излезе од мода, истуркано од пишувањето на тастатура, а буквализмот стана новата религија на социјалните медии.
Фејсбук нé натера да „лајкуваме“ нешта кои не ги сакаме. Фејсбук ни го промени концептот за простор и време, но најмногу од сé го обезличи разговорот и идејата за тоа што значи да споделуваш.
Фејсбук го забрза светот така што сé друго ни се чини бавно, мало и неинтересно
Единствената добра вест по 14 години доброволно затвореништво, е што крајот на Фејсбук во ваква форма веќе се наѕира. Зашто за денешните млади 14 години се доста за Фејсбук да биде сметан за нешто старо.
За нас останатите, пресвртот претстои, а веќе започна.
Наместо да додаваат (профили), луѓето (ќе) бришат. Наместо да споделуваат, луѓето (ќе) се кријат. Наместо да се спојуваат, (ќе) се исклучуваат. Нишалото оди/отиде во спротивниот правец.
Владислава Крстева за Webcafe