За македонска стрелба сте чуле? Редно е

Анџелина Џоли во улога на Лара Крофт од легендарниот серијал Tomb Raider.

Колку пати сте се изнагледале пукање со два пиштола, што во филмовите, што во видео игрите? Прашањето е секако, реторско, бидејќи секоја втора акциона сцена е таква. А во реалноста?

Во денешната реалност пукањето со два пиштола скоро и да не постои: непрактично е, тешко е – ви требаат години за колку толку да го совладате, и непотребно. Но имаше време кога не беше така.

Назад уште во 1600-тите години, кога пиштолот немаше наполнето ни еден век постоење, имавте модели на пиштоли што се продаваа во пар, како ракавици – еден за левата, другиот за десната рака, со чкрапци на спротивната страна, што дополнително сугерира на истовремена употреба.

Во многу примери така се опишани пиратите од „златното доба“ – дека носеле и по шест револвери и ги користеле во парови, исто како што користеле и сабји и ножеви.

Така се опишани и прикажани и многу пиштолџии од Дивиот Запад, на пример. Во тоа време не било лесно да репетираш и да наполниш револвер како што е денес, а во ситуации кога треба да извршиш брз напад или непријателот е поброен, два револвера биле дупло подобри од еден. Со два револвера можеш да пукаш дупло побрзо, имале дупло поголема запирачка моќ (што било доста битно во време кога пиштолите не биле толку ефективни/смртоносни), а така се тренирале и двете раце – ако те ранат во едната, можеш да продолжиш ефективно да се бориш со другата.

А знаете кои други користеле два пиштола?

Македонските комити. Во тоа време турската војска имала најмодерни оружја, а како што добро знаете, македонските комитски чети речиси секогаш биле неколкукратно помалубројни. Од една страна, морале некако да парираат, од друга – затоа главно напаѓале од заседи, користеле герилски тактики и напаѓале во простории. Брзи напади и битки со поброен непријател? Пак важи истата логика – два револвера се подобри од еден.

Благодарение на македонските комити од Илинден и пост-Илинден, до ден денес во руските воени академии (според некои извори и во  светските) тактиката на користење два пиштола истовремено (позната како dual wield, или gun akimbo) се вика македонско пукање, т.е. пукање во македонски стил, македонски дуел, или македонска стрелба.

(пуштете го делот од 5:15 до 7:12)

Тактиката

Тоа што го гледате кај Лара Крофт, Нео во Матрикс, Max Payne и милион други примери, не е македонски начин на пукањ во правата смисла. Под македонска стрелба се подразбира покарактеристична тактика, при која да – се пука со два пиштола, се пука истовремено и се пука со испружени раце, но клучното е што палците се допираат и потпираат еден на друг, за поголема стабилност и прецизност при пукањето. Така и торзото е фиксирано и лесно се забележува ако едниот пиштол не нишани во посакуваната цел.

Можете да пукате во две варијанти. Првата е наизменично – така е потешко и понепрецизно; додека другата, таа „поправилната“ е со повлекување на орозот на двата пиштола во исто време – добивате поголема прецизност и дупло поголема запирачка моќ.

Настанување на терминот

Според некои теории, во Русија терминот/начинот на пукање стигнал уште во времето на руско-турските војни во 19-от век, од македонските доброволци што се бореле во руската армија. Наводно, тие биле најпробивните и користеле два пиштола. Не успеавме да најдеме докази за ваквото тврдење (не тврдиме дека нема).

Сепак, многу поверојатна е следнава:

Првпат изразот во Русија го спомнува Владимир Богомолов, во својот роман „Во август 44-та“ објавен во 1974-та година. Таму со два пиштола пука главниот лик на романот, постариот поручник Таманцев.

Откако Богомолов го обвиниле дека го измислил терминот, тој му праќа писмо на уредникот на „Комсомолса правда“. Му пишува вака:

„ … терминот стрелба на македонски начин првпат е забележан на страниците во весниците во 1934 година, кога во Марсеј, со адаптирана срелба – на македонски начин, во присуство на бројно обезбедување, бил застрелан југословенскиот крал Александар и министерот за надворешни работи на Франција, Барту. Во средината на ’30-тите години со стрелба на македонски начин – односно со стрелба во од со два пиштоли (или револвери) кон движечка цел – биле обучувани агентите на Федералното биро на Соединетите американски држави и агентите на оперативниот дел на Скотланд-Јард во Англија. Во 1942 година стрелба на македонски начин го користат советските воени котраразузнавачи, а од 1944 годна изразот се користи низ целиот свет…“

Веројатно веќе погодивте; според пишаново, најзаслужен за терминот е Владо Черноземски, кој самостојно го извршил атентатот во Марсеј врз Александар I Караѓорѓевиќ – крал на Кралството Југославија, на 9 октомври во 1934 година по наредба на ВМРО михаиловистичка. Атентатот го извршил со маузер, во присуство на големо обезбедување, скокајки на колата со која се возел кралот Александар. Со себе имал и уште еден пиштол „Валтер“, кој веројатно не го искористил. Атентатот се случил токму пред објективот на снимателот, кој не го снимил самиот момент, но ги снимил минутите по истиот, вклучително и телото на кралот.

Постои и теорија дека терминот „македонска стрелба“ потекнува уште од Балканските војни во 1912 и 1913 година, кога македонските борци за слобода секогаш во борбите користеле два пиштола. Според некои други, терминот потекнува уште од времето на Филип и Александар Македонски, кои предводејќи ја својата војска стрелале во непријателот во движење.

Употреба на терминот

Дали е точна информацијата на Богомолов (кој исто така го обвинувале и дека лажел дека има воено искуство) или не – е ирелевантно кога се зборува за тоа дали изразот се користи. Тоа можеме да го потврдиме со бројни примери.

Еден е книгата на Алексеј А. Потапов – полковник, учител по спортско пукање со борбени оружја, инструктор на антитерористички единици, а воедно и скаут и снајперист – „Методи на пукање со пиштол: Системот СМЕРШ“ (СМЕРШ е контраразузнавачкото тело на Советскиот сојуз, составено од три индивидуални контраразузнавачки организации). Линкната ви е цела во pdf формат, на руски јазик, секако. За „пукање по македонски“ пишува на 316-та страна. Потапов има уште една книга – „Уметност на снајперот“.

Понатаму, Виктор Пелевин во приказната насловена „Македонска критика на француската мисла“ која е дел од неговиот роман/збирка „ДПП (НН)“, го користи терминот „македонска стрелба“ во смисла на филозофска критика. Јунакот на приказната изложува потценувачка критика кон современите француски филозофи, т.е. ги критикува „со двете раце“, симболично употребувајќи стрелба од два револвери.

На бугарската Википедија, „македонска стрелба“ е наведен како израз за „Пукање со две оружја“.

Текстот е составен од повеќе извори, но должни сме да го спомнеме ОВОЈ.

- Реклама -