Полиција 45 минути „бркала“ плишан тигар (фотки)

Еден Шкотланѓанец, мислејќи дека неговите 200 крави се во опасност, се јавил во полиција за да пријави тигар на својата фарма. Полицијата одговорила во најбрзо можно време – на фармата во Хатон пристигнале неколку возила, заедно со вооружен тим .

Како што објаснува 24-годишниот фармер, во моментот приредувал забава зa добредојде во куќарката на имотот во која се преселил пред три недели. Но тој не пиел, туку дежурал – кравите биле бремени, а можеле да се породат во секој момент. „Излегов да ги проверам кравите. Светнав со батеријата и видов тигар како седи во дворот. Се извадив од памет како никогаш во животот“.

Штом полицијата пристигнала, го опколила местото. Пред да се доближат до метата, дури ја контактирале и локалната зоолошка за да проверат дали имаат „избегани“. По 45-минутна тензија и „рововска битка“ без многу, т.е. без ич случувања, и без најмало движење од страна на тигарот, полицајците и фармерот почнале да се сомневаат. Кога фармерот се доближил со својот џип, се покажало дека е само голема плишана играчка. Уште му се црвени образите од срам, веројатно.

„Беше тоа лажен повик со искрена намера“, изјави инспектор Џорџ Кординер за BBC. „Немаме проблем со тоа“.

Како плишаниот тигар завршил на фармата уште не се знае.

 

- Реклама -