Се очекува зголемен ризик од поплави и свлечишта

Повеќедневните, долготрајни врнежи кои се случија на подрачјето на нашата држава во изминатите денови, како и дополнителните кои според сите релевантни светски, регионални и домашни метеоролошки институции ќе следат до крајот на февруари (но и во почетокот на пролетта), ќе предизвикаат поизразено превлажнување на земјиштето и значителен „вишок на водена маса“.

Овој „вишок“, веќе сега тешко се апсорбира во земјиштето и во дренажниот систем, па се очекува негово засилено површинско акумулирање во вид на речно-инундациски, речно-езерски, издански, речно-поројни и други видови на поплави.

Дополнително, заради поволните метеоролошки услови, во следните 2-3 недели ќе се зголеми зачестеноста на свлечишта и одрони во пониските, а лавини, лавино-урниси и други гравитациски процеси во повисоките подрачја (главно над 1500 метри).

Под зголемен ризик од појава на свлечишта, одрони и урниси ќе бидат стрмните планински и долински терени со растресита геолошка или земјишна подлога, неотпорни карпи и претходно познатите лавинско-свлечишни коридори.

Воедно, зголемена веројатност од такво нешто ќе има и на поголемите засеци на патиштата, посебно во долината на реката Радика и патниот правец Маврово-Дебар-Струга кој е познат по честа појава на свлечишта и лавини, потоа на патиштата Охрид-Ресен-Битола, Струмица-Берово-Делчево-Кочани (особено Делчево-Македонска Каменица), Скопје-Велес, Гостивар-Охрид, Куманово-Страцин-Кратово, поголемите засеци на железничките линии и многу други.

Во таа смисла, населението, возачите и сите други треба да внимаваат и да го имаат во предвид зголемениот ризик од вакви природни непогоди на наведените стрмни или нестабилни места.

Истражувањето е на д-р Ивица Милевски, и е преземено од порталот ИГЕО. Целата статија прочитајте ја ТУКА

- Реклама -