Во најдобар случај, вселенскиот роудстер на Илон Маск ќе се распадне од радијација

Додека го читате ова, во вселената има темно-црвен Tesla Roadster на пат кон Марс. Од звучниците пичи музика на Дејвид Боуви, го „вози“ кукла астронаут наречена „Starman“, а на контролната табла му пишува „Не паничи“.

Да, тест-лансирањето на најголемата ракета на планетава, Falcon Heavy на SpaceX на Илон Маск, помина скоро како подмачкано. „Скоро“ затоа што централниот бустер, ака „јадро“, ja промаши платформата за слетување и се урна во океанот, но глетката на двата странични бустера што истовремено слетаа назад на Земјата беше ништо помалку од фасцинантна. Tesla-та на Mаск како патува во вселената, со Земјата во позадина – уште пофасцинантна. За тие што пропуштија, повелете видео (лансирањето е околу 34:18) на линков: КЛИК. А ова во продолжение е компилација од реакции на луѓе што гледаа од страна. Уживајте.

Е сега, да се вратиме на тоа „Don’t Panic“. Tesla-та и Starman (куклата астронаут) имаат зошто да паничат. Првиот фактор што ќе ја одреди нивната судбина ќе биде тоа дали вселенското летало ќе успее да излезе од „бунарот“ на Земјината гравитација.

Од SpaceX беа внимателни да не предизвикаат големи очекувања, истакнувајќи дека ракетата може да откаже во било кој момент од патувањето. Маск, пак, иако доволно ѝ верува на Фалкон Хеви за да ја прати својата Tesla, не ѝ верува доволно за да ѝ качи луѓе, сега засега. Со други зборови, постојат добри шанси дека роудстерот ќе заврши како куп смачкан и стопен метал во пад назад кон Земјата.

Меѓутоа, ако тоа не се случи, следната можна судбина на вселенскиот автомобил е многу слична, но се случува на Марс. Како што истакнаа од SpaceX, колата може да стигне премногу блиску до Марс долж неговата орбита и да се урне на Црвената планета.

А ако ништо не тргне наопаку?

Што ако планот успее и електричниот автомобил заврши во позиција да помине којзнае колку милиони години во длабоката вселена?

„Не сум загрижен за самиот вакуум“, вели Вилијан Керол, хемичар на универзитетот во Индијана и експерт по пластика и органски молекули. Поентата му е дека тоа што луѓето трпат ужасни ефекти во вакуум се должи повеќе на нашиот внатрешен притисок (кој во вакуум веќе не трпи противсила од атмосфера) отколку на некакви директни ефекти од самиот вакуум. А колите немаат таков вид на внатрешен притисок.

„Би го исклучил воздушното перниче пред да пратам автомобил во вселената и веројатно не би го наполнил со течност за миење на ветробранското стакло“, вели тој. Издишете ги и гумите, и веќе нема што да експлодира како последица на вакуумот.

Под претпоставка дека автомобилот нема да доживее сериозни колизии со цврсти тела, како и дека ќе ги избегне сударите со микрометеорите, вистинската сила што ќе го уништи автомобилот во текот на стотиците милиони години во вселената, вели Керол, е радијацијата.

Прочитајте и:  Трамп го назначи Маск во неговата администрација, ќе биде министер за нејзина ефикасност

Доле на Земјата има моќно магнетско поле кое заедно со атмосферата во голема мера ги штитат луѓето и Tesla роудстерите од суровата радијација на Сонцето и сончевите зраци. Но објектите кои патуваат во вселената немаат таква заштита.

„Сите органски делови ќе подлежат на деградација како резултат на разните видови радијација на која ќе налетате таму“, вели Керол. Притоа, под „органски делови“ не мисли на деловите направени од животни (кожата на седиштата, на пример). Под „органски“ мисли на сите материјали кои се составени од хемиски јаглерод-јаглерод и јаглерод-водород врски, вклучувајќи ја и пластиката во автомобилот, како и каросеријата од карбонски влакна.

Енергијата на ѕвездената радијација може да ги скине тие хемиски врски. Тоа значи дека автомобилот може да се распадне на парчиња, како да сте го исекле со нож. „Кога сечете нешто со нож, практично сечете хемиски врски“, објаснува Керол. Ножот ги сече тие врски во права линија. Радијацијата ќе ги раскине произволно, хаотично, што значи дека со доволно време, органските материјали од седиштата, гумите, бојата – ќе избледат, ќе се откинат и ќе отпатуваат во вселената.

А под моќниот сјај на непопреченото Сонце, тој процес може да се случи доста брзо, вели Керол. Тој лично смета дека органските материјали нема да траат ни година.

Тоа е, „направено на Земјата“ си носи свои ограничувања. Фотографијава, патем, е објавена од Илон Маск. Ова стои на електричната табла во роудстерот кој во моментов патува во вселената.

Материјалите со помалку хемиски врски ќе се распаднат први, вели тој. Сé што е скриено зад неоргански (без јаглеродни врски) „штит“ ќе трае подолго, иако со тек на време дури и пластиката во ветробранското стакло ќе ја изгуби бојата и ќе се распадне. Отпорните делови од карбон-фибер веројатно ќе бидат тие што најдолго ќе преживеат, и тоа долг временски период.

Како и да е, на крајот роудстерот ќе се сведе само на неговите добро обезбедени неоргански делови: алуминиумската рамка, внатрешните метали и стаклата кои нема да подлегнат на удари од метеори.

Richard Sachleben – пензиониран хемичар, главно се согласува со Керол, со тоа што смета дека колата ќе биде колку толку препознатлива барем уште милион години. Но тоа е долго време, вели, и никој не знае како ќе изгледа тогаш.

Керол е посериозен. Вели дека прашањето дали ракетата и колата барем малку ќе личат на себе зависи од тоа кој ќе биде во нивна близина за да ги препознае. „Да не заборавиме, нашата историја со алатките како човечка раса трае околу 2.5 милиони години. Што тоа ќе препознае некој милион години од сега е друга приказна“.

Sachleben пак враќа со духовит оптимизам: „Секогаш постои можност дека некој иден вселенски ентузијаст за автомобили ќе реши дека роудстерот на Илон Маск е добар колекционерски предмет за во неговата колекција“.

За крај, неколкучасовниот пренос од вселената што одеше во живо од роудстерот на Маск неколку часа по лансирањето:

 

Извор: Livescience и други

- Реклама -