107 илјади Саудијки сакаат да работат во пасошка контрола

Канцеларијата за гранична пасошка контрола во Саудиска Арабија се најде во интересна ситуација.

Саудиската генерална дирекција за пасоши беше преплавена со цели 107 илјади апликации за работа, и тоа на неполна недела откако објави оглас дека отвора нови 140 позиции наменети само за жени, соопштува CNN. Огласот бил прегледан повеќе од 600.000 пати.

Ова е прв пат во историјата саудиската дирекција за пасоши нуди работа на жени.

Кандидатките за позицијата треба да се родени и израснати во Саудиска Арабија, да се на возраст меѓу 25 и 35 години, како и да имаат диплома за завршено средно образование или документ за еквивалентна квалификација.

Новодобиеното право на жените во Саудиска Арабија да работат е важен дел од саудиските економски реформи наречени Vision 2030. Огромниот број апликации, од своја страна, јасно покажува дека жените во земјата имаат желба да работат.

Амбициозниот план Vision 2030 го започна крунисаниот принц на Саудиска Арабија – Мохамед бин Салман. Идејата е да се намали зависноста од нафта на земјата, како и да се развијат другите сектори на економијата.

Главниот град Ријад.

Се очекува реформите да го зголемат уделот на вработените жени до 30% од вкупната работна сила во кралството. Моментално жените учествуваат со 22% од работната сила. Лани на жените им беше дозволено да возат, што исто така би требало да помогне за вклучување на повеќе жени во пазарот на трудот.

Прочитајте и:  „Што носеше кога сама си го бараше?“

Но во Саудиска Арабија родовата еднаквост сé уште се граничи со илузија, особено кога се зборува за приходите, се вели во извештајот на Светскиот економски форум. На пример, за да може една жена во Саудиска Арабија да почне свој сопствен бизнис, потребно е барем двајца мажи позитивно да сведочат за нејзиниот карактер, пред таа да добие пристап до кредитирање или лиценцирање.

Меѓутоа, лани Салман нареди ревизија на саудиските закони кои им попречуваат на жените да работат, патуваат, да се подложат на медицински процедури и да посетуваат универзитет без дозвола од машки роднина или сопруг.

Што се однесува до одделението за пасошка контрола, на Саудиска Арабија дефинитивно ѝ требаат повеќе работници, со оглед дека земјата планира да развива голема туристичка индустрија. Годинава ќе биде издадена и првата туристичка виза. Порано визи се издаваа само на луѓе кои влегуваа во земјата по работа или со цел посета на светите места.

- Реклама -