Исполнети 6 од 39-те ветувања за почист воздух и животна околина

Фото: Донче Илијоски

На 12 октомври 2017-та, шест од осумте кандидати за градоначалник на Град Скопје ја потпишаа изјавата за почитување на „Платформата за чист воздух“ на граѓанската иницијатива О2 коалиција за чист воздух.

„Платформата за чист воздух“ претставува пакет мерки и барања за кои тогаш „идните“ градоначалници на Скопје се обврзаа дека сериозно ќе ги имаат во предвид и ќе сторат сé што е во нивна моќ да ги реализираат во рамки на нивниот евентуален градоначалнички мандат. Како што посочија тогаш од иницијативата, главната цел е еднаш засекогаш Скопје да се претвори во современ и зелен град.

Меѓу тие што ја потпишаа „Платформата за чист воздух“ беше и денес актуелниот градоначалник на Скопје – Петре Шилегов (на потпишувањето не присуствуваа само Наим Бајрами од Алијанса на Албанците и Беким Фазлиу од ДПА). Тој најави вонредни мерки за време на грејната сезона, кога загаденоста на воздухот е најинтензивна:

„Ќе изработиме студија во која ќе може да се видат изворите на загаденост и врз основа на таа студија да бидат преземени мерки за да се реши загадувањето на воздухот во градот“ – рече тогаш Шилегов.

^ извор: Нова Македонија

Во меѓувреме, по 99 дена (до моментов на пишување) работа на функцијата Градоначалник на град Скопје, исполнети се само (условно речено, со оглед на изминатото време) 6 од вкупно 39-те ветувања наведени како барања во „Платформата за чист воздух“.

Започната е реализацијата на уште 7. Другите 26, на онлајн „Политичкиот бројач“ – алатка за следење на реализацијата, продолжуваат да стојат означени со црвено – т.е „неостварени“.

Сите 39 барања, како и нивниот моментален статус, ќе ги најдете таму – на Политичкиот бројач. Под секое од нив има копче „повеќе“ за повеќе детали. Кај остварените е наведен и линк до соодветната вест/најава/проект.

Бројачот ќе го најдете на ЛИНКОВ.

- Реклама -