Да се тепаш на Блек Фрајдеј за да лапнеш некој добар телевизор – ај некако ќе ти ја разбереме логиката. Ама за Нутела?
Ланец супермаркети во Франција воведоа акција на цената на Nutella, со попуст од дури 70%. Тегла од 900 грама, на пример, која вообичаено чини 4.5 евра, се продава за 1.4 евра.
Резултатот? Чоколадна хистерија ала Блек Фрајдеј. „Луѓето ја преплавија продавницата, се туркаа, кршеа, се тепаа… Беше вистински хаос“, вели за АФП вработен во еден од маркетите во францускиот град Форбах.
Други сведоштва, опишани во француските медиуми, раскажуваат за уште неколку примери на „животинско однесување“ на купувачите: една жена завршила со искубана коса, друга со крвава рака, други две се гаѓале со тегла во глава…
Сите обиди на вработените да го спречат апокалиптичното грабање по чоколадниот крем биле залудни, па на крајот морале да повикаат полиција.
Се разбира, добар дел од ова е документирано по социјалните мрежи.
Италијанскиот производител „Фереро“ изрази жалење за немирите, но нагласува дека сопствениците на продавниците ја намалиле цената на своја рака. Ќе беше уште посмешно ако тие ја намалеа цената – сега веројатно ќе се извинуваа. Е такво време дојде, да не смее човек (под „човек“ мислиме на корпорација) цена да намали…
„Фереро“ на светско ниво продава 365 милиони кила Nutella годишно, пишува BBC.