Во Австралија најдоа парче од Северна Америка

Геолозите од универзитетот Curtin во Австралија се убедени дека едно парче од Австралија всушност некогаш било дел од Северна Америка. Новонајденото парче доказ, според нив, ја потврдува идејата дека некогаш одамна – пред околу 2 милијарди години, двата континента биле споени во еден голем суперконтинент.

Истражувачите од универзитетот откриле дека седиментниот камен во еден од регионите на северна Австралија не е воопшто сличен со камениот состав на остатокот од континентот. Меѓутоа, каменот е многу сличен на тој на Канада, (на континентот) Северна Америка.

Истражувањето е објавено во журналот „Geology“. Во него се тврди дека каменот под Џорџтаун, Австралија, некогаш бил дел од северноамериканската Лаурентија, а дека се отцепил пред околу 1.7 милијарди години.

По милиони и милиони години „лебдење“ по океанот, парчето конечно се закачило за Австралија. „Нашето истражување покажува дека пред околу 1.7 милијарди години, камената формација на Џорџтаун била депозитирана во плиткиот океан во регион кој бил дел од Северна Америка. Џорџтаун потоа се отцепил и се судрил со Mount Isa (регионот на северна Австралија) околу 100 милиони години подоцна“, велат истражувачите од Curtin.

Прочитајте и:  Во Австралија нема да има потреба од давање на лични податоци на социјалните мрежи

Тоа се случувало за време на критичната етапа за глобалната континентална реорганизација, велат научниците, откако речиси сите континенти на Земјата се споиле за да го формираат суперконтинентот наречен „Нуна“.

Последен пат кога континентите биле блиску еден до друг бил големиот суперконтинент познат како Пангеа, кој се распаднал пред околу 175 милиони години. Сепак, пред Пангеа, планетата поминала низ неколку суперконтинентални конфигурации – од кои една бил споменатиот суперконтинент Нуна, познат и како Колумбија, кој постоел некаде од пред 2.5 милијарди до пред 1.5 милијарда години.

- Реклама -