Велика Британија отвара министерство за осаменост

Велика Британија влегува во политичката историја. Формираа целосно ново, досега непробано министерство – првото во светот „министерство за осаменост“. Министерството, т.е. министерската позиција е формирана како одговор на тоа што премиерката Тереза Меј го вика „тажната реалност на модерниот живот“ за многу луѓе.

Прерано е да се прогнозира какви точно полиси ќе бидат претставени и воведени од новата министерка за осаменост – Трејси Крауч (која продолжува да работи и на позицијата министер за спортови), но сепак, воведувањето на ваква функција ја разгори имагинацијата на јавноста, инспирирајќи многу шпекулации за тоа зошто новото министерство е неопходно и што всушност би можело да направи за да ја подобри ситуацијата на осамените во Британија.

Министерката.

Ефектите од осаменоста, во меѓувреме, се недвосмислено разурнувачки. Во Британија, половина милион од луѓето над 60 години зборуваат со друг човек само еднаш неделно или помалку. Докажано е дека луѓето кои самите велат дека се осамени имаат поголеми шанси да развијат деменција, срцеви болести и депресија. Кога станува збор за очекуван животен век, истражувањата покажуваат дека долготрајните ефекти од осаменоста врз здравјето се еквивалентни на пушење по 15 цигари на ден.

Осаменоста е ужасно тешка, но сé уште постои еден вид на стигма која ги спречува осамените луѓе да признаат и да побараат помош. Според истражувањата на Britain’s Campaign to End Loneliness, голем дел (56%) од возрасните Британци велат дека признавањето на осаменоста е тешко. А кога осамените луѓе ќе побараат помош, велат од организацијата, осамените луѓе не наидуваат на доволен број и доволно развиени мрежи кои би им помогнале.

Можеби најважното откритие на организацијата е следново: повеќе од три-четвртини од британските доктори и медицински лица пријавуваат дека во текот на денот гледаат најмалку 1 до 5 пациенти кои закажуваат прегледи главно зашто се чувствуваат осамени. Истово е евидентно и кај нас, доволно е само да ги посетите амбулантите.

Паметните нации, во случајов Британците, сфаќаат дека тоа создава голем и непотребен товар врз здравствениот систем, и дека кога би имало развиени мрежи за помош, тоа не само што ќе им помогне на луѓето, туку и ќе биде економски исплатливо (бидејќи ќе го растовари здравството). Па ете, тоа би можело да биде една од задачите на новото министерство.

Понатаму, јасно е дека врз осаменоста влијаат широк дијапазон на фактори. Министерот за осаменост, кој би ги имал овие фактори на увид, би можел да ги притиска владата, полисимејкерите, бизнисите, авторитетите и индивидуалците да гледаат на низа одлуки преку призмата токму на осаменоста.

На пример, укинување на автобуска линија. Со поголем фокус на осаменоста (во форма на официјално министерство, ете), би можел да се изврши притисок врз авторитетите да размислат за ефектот од тоа укинување врз евентуалното зголемување на друштвената изолација за луѓето кои живеат долж таа рута. Тој ефект, на пример, би можел да ги зголеми трошоците во некое друго поле, па на крајот да излезе дека оставањето на линијата во оптек е поевтиното решение. Една од улогите на министерството за осаменост, значи, би била да ги воочи и истакне ваквите ситуации.

Министерот исто така би можел да овозможи препораки и упатства за луѓето кои редовно посетуваат туѓи домови, како водоводџии и електричари. Овие луѓе би можеле да бидат обучени да забележат случаи на акутна осаменост, па и да го понудат своето друштво (доброволно, но и со некаков вид надоместок, веројатно).

Министерот за осаменост може дури и да издава упатства за модифицирање на јавниот простор, макар тоа било и само стратешко поставување на клупи и продавници кои би ја зголемиле интеракцијата.

Едно е сигурно, во модерниот свет во кој сé повеќе стари луѓе доживуваат алиенација, ваквите министерства стануваат сé попотребни. Потребно е во Британија, потребно е и кај нас. Дотогаш, застанете со бабичката што сте ја сретнале на улица и посветете ѝ некоја минута од своето време, колку и да е неважно тоа што има да ви го каже.

- Реклама -