Најважниот фрижидер во светот, дизајниран да ја издржи апокалипсата, мака мачи со климатските промени

Само речиси декада откако влезе во функција, сефот за семиња во Свалбард (Svalbard Global Seed Vault) мора да „оди“ на реконструкција.

Структурата е предвидена да биде безбеден сеф кој би го реставрирал растителниот свет на планетата во случај на катаклизмичка природна катастрофа или друг вид на „крај на светот“ сценарио, но ете, се покажа дека не му оди баш најдобро ни против климатските промени.

Отворен е во 2008 година од тогашниот претседател на Европската комисија – Жозе Мануел Баросо и тогашниот премиер на Норвешка – Јенс Столтенберг. Нешто подоцна Time го прогласи за шестата најдобра иновација на светот, а во меѓувреме се прочу по прекарот „Doomsday Vault“ („Сеф за крајот на светот“), а го имаше и како локација во анимираната серија „Futurama“.

Содржи 930.000 пакети од разни семиња, сите варијанти на важни растителни култури, пред сé за храна. Има капацитет за уште 3 милиони семиња.

Како и да е, климатските промени околу архипелагот Свалбард доведоа до неопходна реконструкција. Имено, во мај 2017-та објектот беше поплавен од тоните вода стопена од глечерите, како резултат на високите и растечки температури на Арктикот.

„Во нашите планови не претпоставувавме дека пермафростот еден ден може да го нема и дека ќе доживееме екстремно време (клима) како ова сега… Многу вода влезе на почетокот на тунелот и потоа замрзна, па кога човек ќе влезеше внатре изгледаше како глечер“, вели Hege Njaa Aschim од норвешката влада која е и сопственик на сефот.

„Откако го изградивме сефот во 2008 година, климатските промени ни поставија предизвици со кои ќе треба да се соочиме. Промените на температурата и временските услови значат дека пермафростот не се обновува како што се очекуваше“, вели таа за Aftenposten.

За среќа, водата при инцидентот не стигнала до срцето на сефот каде што се зачувани семињата, а набрзо е отстранет и мразот. Семињата остануваат на безбедна температура од -18 степени, сега засега.

Реконструкцијата е закажана да почне следната пролет, откако доби зелено светло од Министерството за агрикултура и храна. Би требало да биде комплетиран во 2019-та.

Околу 17.000 кубни метри маса ќе бидат отстранети од околу отворот на тунелот, а ќе бидат заменети со нова водоотпорна бетонска структура. Ќе биде засилена и основата, а ќе се појачуваат и системите за ладење и дренажа, во согласност со условите – под „услови“ мислиме на топењето на мразот.

Како и да е, целиот концепт од сам свој почеток се базираше на пермафростот (повеќе можете да прочитате ТУКА), а евентуалното негово губење ќе значи само проблеми.

- Реклама -