Паднаа 40 сантиметри снег во Сахара (фотки)

Песочните дини на малиот град Аин Сефра (познат и како „Портата на пустината“), на северот на Алжир, викендов беа прекриени со над 40 сантиметри снег.

Ова е втор пат таму да заврне снег во последниве речиси 40 години, со тоа што на кратко заврна и во декември 2016-та. Како и да е, овој јануарскиов е многу пообилен од сé што Сахара има видено досега во поновата историја.

 

Karim Bouchetata – фотографот кој ни ги овозможи овие глетки, вели дека биле многу изненадени кога се разбудиле и виделе снег, пак. Снегот останал преку целиот ден во неделата, а почнал да се топи околу 17 часот.

Во 2016-та снегот предизвика благ хаос во градот. Патиштата станаа лизгави и подмрзнаа, а патниците останаа „заробени“ во автобусите. Децата, од друга страна, правеа снешковци и се санкаа по дините. Слично беше и сега.

Слика од снегот во 2016-та, колку за споредба.

Пред 2016-тата, Аин Сефра последен пат виде снег на 18 февруари 1979 година. Тогаш снежната „бура“ траеше само половина час.

Овие врнежи пак, доаѓаат наспроти ледените температури во Европа и САД. Како што објаснуваат метеоролозите, како резултат на високиот воздушен притисок во Европа, студениот воздух бил повлечен јужно кон северна Африка.

Инаку, Аин Сефра се наоѓа на околу 1.000 метри надморска височина, опкружен со планинскиот венец Атлас. И покрај тоа, снегот е невообичаена појава за градот кој во јануари обично има температури од 6°C, со просечен минимум од -0.3° Целзиусови.

Аин Сефра, кога нема снег.

Пустината Сахара го покрива најголемиот дел од Северна Африка, а низ последните стотици илјади години има поминато низ големи промени во влажноста и температурата. Иако денес е многу сува, се очекува пак да зазелени за околу 15.000 години.

Дотогаш, да ѝ се изнагледаме прекриена со јануарскиот снег.

- Реклама -