Ви се чита за диктатура и диктаторски хирови? Туркменистан е златен пример. Ова „златен“ е со двојно значење, како што ќе видите и од сликите.
Претходниот лидер на малата централноазиска земја си постави своја гигантска ротирачка златна статуа (слика горе) среде центарот на главниот град Ашхабад, ги „прекрсти“ месеците од годината во имињата на членовите на семејството, и си го смени своето име во Туркменбаши – што во превод значи „татко на цел Туркменистан“.
По смртта на „Туркменбаши“ во 2006 година, следниот претседател Гурбангули Бердимухамедов ја премести статуата на периферијата на градот, а си подигна свој гигантски споменик, на кој тој е јавнат на коњ.
Освен тоа, Гурбангули им наложи на граѓаните и некои од своите вкусови и преференци. На пример, ги забрани црните коли за сметка на белите. Зошто? Зашто бела му била омилена боја.
Уште во 2015-та неговата администрација забрани увоз на црни автомобили, а цариниците ги остави без ниедно друго објаснување освен „белата носи среќа“. Во ноември минатата година и на многу од државните службеници им беше наредено да возат само бели коли.
Сега и обичните жители на главниот град Ашхабад ќе мораат да си ги префарбаат црните коли во бели. Оф простете, излажавме; Ќе можат да си ги офарбаат и во сребрена боја…
Но, црни? Тоа не смеат никако. Секој што ќе вози црна кола ќе добие парична казна, пренесува Quartz.
Има сведоштва од жители кои тврдат дека колите им биле запленети и им било наредено да ги префарбаат. Им било речено дека тоа ќе ги чини околу 2.000 долари, со закана дека ако чекаат една недела цената ќе достигне и над 3.100 долари. На добар дел од овие несреќници платата им е околу 285 долари месечно…
За земја како Туркменистан ова се сериозни суми. Да, земјата изобилува со природни ресурси, но тоа не го менува фактот дека само мал дел од Туркменистанците се богати.
Сега си мислите: мора да има нешто плус, некоја поразумна причина. Ќе се разочарате. Ако нешто некому му значи, се шушка дека одлуката не е донесена само зашто на Гурбангули белата му е омилена, туку и зашто црната боја носи несреќа…
Со други зборови, не, нема поразумна причина. Дури и претставник на владата за радио Слободна Европа изјави дека одлуката за промена на бојата на автомобилите е поврзана со љубовта на Бердимухамедов кон белата боја…