Експертите од студио Roosegaarde успешно осветлија пат во Холандија без да употребат електрична енергија. Се работи за проектот наречен „Gates of Light“ (Порти од светлина).
Идејата е на Daan Roosegaarde – основач и раководител на студиото, и човек кој преферира да користи еколошко осветлување.
Проектот е спроведен на познатата брана Afsluitdijk, изградена во 1932 година од архитектот Дирк Розенбург на брегот на Северното Море. Браната, меѓу другото, е составена од 60 огромни порти со кои се регулира протокот на водата.
Експертите од студиото Roosegaarde, инспирирани од природата – поточно од ретрорефлективните својства на крилата на пеперутките, ги покрија овие 60 порти со рефлективен материјал, составен од мали призми кои ја распрскуваат светлината.
Со други зборови, не им треба електрична енергија. Доволна е светлината од фаровите, па дури и светлина од рачна батерија.
А светлина од фарови, фала богу, има повеќе од доволно. Патот што минува долж браната го користат околу 20.000 возила, а најголем дел од нив во втората, темна половина од денот.
Знаеме дека звучи малку збунувачки, но откако ќе видите како тоа функционира во видеото, сé ќе ви стане јасно. Патем, ќе видите и некои други еколошки проекти на кои работи студиото, како на пример создавање електрична енергија од летање „змаеви“.
Уште една добра страна на Gates of Light e тоа што не создава светлосно загадување, или барем го минимализира.
Сепак, Gates of Light е само првиот чекор кон реализација на еден многу поголем проект на холандската влада. Крајната цел е до 2030 година, осветлувањето на патиштата низ земјата да биде целосно независно од електрична енергија. За извор на светлина ќе се користат флуоросцентни алги, па дури и споменатите змаеви.