Резултатите од една нова студија покажуваат дека кај поранешни пушачи кои јадат домати и други свежи овошја, белите дробови побавно пропаѓаат.
Ова укажува на тоа дека оваа храна помага да се компензира штетата направена со пушењето. Научниците исто така откриле дека кај сите возрасни лица, без оглед на тоа дали некогаш пушеле или престанале да пушат, функцијата на белите дробови опаѓа побавно кај оние кои повеќе конзумираат домати. Овие студии се значаен чекор кон воспоставување на врската помеѓу исхраната и здравјето на белите дробови.
Лошата респираторна функција претставува фактор на ризик за разни болести, од хроничното опстриктивно белодробно пореметување (COPD), до срцевите заболувања и ракот на белите дробови. Се смета дека исхраната го забавува природниот пад на респираторната функционалност и на тој начин го одржува здравјето.
Научниците од универзитетот „Џонс Хопкинс“ ја испитуваа респираторната функција кај 650 луѓе за периодот од десет години, почнувајќи од 2002 година. Учесниците на студијата од Германија, Норвешка и Обединетото Кралство пополнуваа прашалници за исхрана и беа подложени на тестирање на белите дробови со мерење на капацитетот на издишувањето во една секунда, т.е вдишувањето за шест секунди. Следени се и другите фактори како што се возраста, висината, полот, телесната тежина, социо-економскиот статус, физичката активност, како и вкупниот внес на калории. Истите тестови се повторени по десет години.
Откриено е дека луѓето кои јадат домат два пати дневно или други овошја три пати на ден побавно ја губат респираторната функција од оние кои се хранат поинаку. Позитивната корелација се забележува само со свежата храна. Преработениот домат не ги покажува истите ефекти.
Треба да се нагласи дека се работи за опсервативна студија, што значи дека може да има и други незабележани фактори кои го комплицираат причинско-последичниот однос.
„Функционалноста на белите дробови почнува да опаѓа околу триесеттата година, брзината на процесот варира во зависност од здравствениот статус на поединецот“ се вели во студијата.