„Додека ги гледаме нашите милиционери како шетаат по улиците и плоштадите, помислуваме дека немаат работа, дека тоа е превентивна прошетка што го оддржува редот и ништо повеќе. Сепак, во секој момент нив ги чекаат стапици, ситуации вон законот, престапи, местенки, кражби, насилство…
Овде нема да зборуваме за опасностите што ги доживуваат при справување со криминал и криминалци, опишани со големи букви во црните хроники. Со овие записи во нашата редовна рубрика нашите известувачи сакаат да потсетат дека нашите милиционери не се јунаци само во исклучително драматичните ситуации. Овде ќе пишуваме за оние редовни, секојдневни незгоди што ги режира самиот момент, а ги разрешува итрата досетливост на нашите милиционери“, пишува „Југопапир“ во декемвриското издание во 1971 година.
Во текстот, како што е ветено, се наведени разни интересни случаи и доживувања на милиционери од разни делови од Југославија. Најинтересниот дел (без да сме пристрасни) е приказната за скопскиот милиционер Диме.
Отвараме цитат:
„Нашата дописничка Ранка Чичак од Скопје, пишува за навистина исклучителен човек, кој згора на тоа е и многу исклучителен милиционер. Станува збор за Диме Димевски, човекот кој облече милиционерска униформа во 1952 година, и кој од првиот ден во својата служба па до ден денес никогаш не бил физички нападнат, ниту пак тој самиот употребил било каква сила кон било кој престапник. А влетувал во најлошите гужви и најтешките ситуации што ги предизвикуваат криминалците.
Дека Диме навистина се наоѓал таму каде што било најжешко, сведочи и фактот што лани во Скопје тој е прогласен за најпожртвуван милиционер!
Наместо пендрек, Диме има благ, топол, речиси интимен збор. Својата реченица ја смета за посилна од револверот. Својот пристап го прилагодува така што во него не може да се препознае никаква одлучност на употреба на сила. Сé тоа на хартија изгледа можно. Но во реалност? Знаете ли што значи да се упатите меѓу опасна банда хулигани кои претходно опљачкале, и тоа на многу драстичен начин и пред очите на куп минувачи, дури 11 автомобили? Секој милиционер знае дека таквата банда е наоружана. И Диме знаел.
И едноставно, на свој начин, им пришол, без страв и двоумење, и започнал разговор. За што разговарал? Се разбира, за нивниот злочин. И успеал со зборови да ги доведе во милициската станица, и тоа така што тој одел пред нив, а не зад нив како што обично се случува кога се работи за приведување.
Многу такви случаи Диме може да наведе.
– Психологијата ме интересира повеќе од сé, вели Диме, милиционерот кој претпоставува дека во секој криминалец има останато по нешто човечко.
А Диме е мајстор баш за тоа човечкото. Тој тоа брзо го открива, го активира, го наоѓа правиот збор, го буди, го поттикнува и го вразумува. Диме не совладува, туку уверува. Тој годинава ќе дипломира на Виша социјална школа, ама со тоа нема да се задоволи. Ќе се запише, вели, на некоја школа каде ќе може да учи за луѓето. Што ќе учи? Токму тоа што го знае преку својата дарба, талент и искуство. Школата тоа и формално ќе му го потврди.
Диме има завршено и курсеви по џудо-вештина, но освен во вежба, никогаш тоа го нема применето. Нему престапниците му се покоруваат по законите и предностите на една друга вештина: поради силата на неговата човечност, поради моќта на неговиот пристап, кој дури и закоравените криминалци го доживуваат како своја заштита.
– И сега речете, пишува Ранка Чичак, дека не е точна онаа народната: дека убавиот збор и железни врати отвара“.
Затвараме цитат.
Извор: Југопапир