Австралиската полиција уапси возач на бел џип кој влетал меѓу пешаци на крстосница полна со луѓе во Мелбурн.
Во инцидентот се повредени повеќе лица меѓу кои и едно дете, кое во тешка состојба со повреди на главата било пренесено во болница.
Според локалните медиуми во инцидентот во Мелбурн се повредени од 15 до 19 луѓе, а во болница биле хоспитализирани 12 од нив.
Порталот „Ејџ“ повикувајќи се на изјава на полицаец пренесува дека инцидентот всушност бил терористички напад, но засега нема официјална потврда за такво нешто.
Полицијата наведува дека автомобилот пред да заврши во групата пешаци не се движел со голема брзина.
Еден очевидец на инцидентот за медиумите изјавил дека автомобилот „едноставно ги газел луѓето кои потоа лежеле секаде наоколу“.
Полицијата од жителите на централниот дел на Мелбурн каде се случил инцидентот побарала да го избегнуваат овој дел од градот.