Интервју со Ване Костуранов: „Инспирацијата е насекаде околу нас“

Деновиве пребарувајќи го Твитер налетавме на профилот на Ване Костуранов – сликар и графички дизајнер од Струмица, за некои познат по проектот Dry Icons, но пред сè уметник кој својот талент го изразува не само на компјутерскиот екран, туку и на платното.

По само неколку минути поминати на неговиот сајт, сакавме да дознаеме нешто повеќе за неговата инспирација, техника и работна околина. Набрзо добивме и одговори на нашите прашања.

Твојата уметност е убава и навистина инспирира. Како ги креираш твоите дела?

Благодарам. За да се создаде/креира нешто убаво, потребна е љубов. Многу љубов. И платно. И бои.

Кога започна да сликаш?

Уште пред да ја научам азбуката. Тоа ми беше и најплоден период, се сеќавам дека трошев по еден блок дневно. На 19 години си изградив атеље во дворот од нашата куќа, а по неколку години низ вратата почнаа да излегуваат луѓе, животни, куќички…

Што е најважното нешто што си го научил за сликањето оттогаш?

Да се биде искрен. Да не се прават компромиси. Да се работи.

Можеш ли да ни го опишеш твоето работно место? Кои алатки ги користиш?

Колоритно, полно со бои и слики, но при создавањето на сликата опкружувањето како и да не постои. Постоиме само јас и платното, а боите нè поврзуваат. Последниве неколку години работам со акрил на платно.

На твојот сајт имаш истакнато дека работиш и како графички дизајнер. Дали можеш да направиш некоја компарација помеѓу дигиталното и акрилното сликање?

Иако често знаат да ми се испреплетат тие две работи, сликите да наликуваат на некој дизајн, а дизајнот на некоја слика, сепак ги доживувам многу различно. Кога работиш графички дизајн има многу работи на кои треба да се внимава тоа дело да биде успешно. Покрај естетската има и наменска цел, да се пренесе порака или едноставно да се претстави одредена информација. Естетиката е во функција на целта што треба да се постигне, и овде често се прават компромиси. Од друга страна сликарството е ослободено од секакви правила. Сликањето е многу поинтимен чин. Соочување со самиот себе. Ослободување.

Колку време е потребно за да создадеш дело со кое си задоволен и кое би го споделил?

Делата се создаваат во мене со години. Тоа се моменти, случки, емоции што навлегле во потсвеста. Се случува година-две да не можам да насликам ни една слика, а потоа за 6 месеци да насликам 30. Кога ќе дојде тој порив за сликање тоа е неверојатно чувство. Како топло сонце после силно невреме.

Дали твоите слики имаат модел кој постои во реалноста или доаѓаат од твојата имагинација?

Тоа и за мене некогаш е мистерија, но мислам дека во поголем дел имаат. Во последниот циклус насловен „Небо во лицата“, на пример, фасцинацијата од ќерка ми Ава доминира. Посебно нејзините очи што кажуваат повеќе од илјада зборови. Но некогаш, пак, луѓето или лицата на сликите само пренесуваат некоја емотивна состојба.

Што значат овие парчиња уметност за тебе?

Ми значат многу. Тие се дел од мене, тие кажуваат многу за мене. Затоа многу се радувам кога се вдомуваат кај мили луѓе, кои со радост им отстапуваат дел од својот интимен простор.

Дури и најдобрите сликари постојано учат нови работи. Каде се едуцираш ти онлајн и од каде црпиш инспирација?

Кога станува збор за сликарството, најмногу се едуцирам и инспирирам кога сум офлајн. Се едуцирам од она што го носам внатре. Со секоја нова слика учам и нови работи за себе. Инспирацијата е насекаде околу нас, само треба да ја отвориме душата, да се препуштиме и на радоста и на тагата. Тоа, всушност, нè прави луѓе.

Твојот талент го забележавме на Твитер. Од неодамна си активен на оваа мрежа, а твоите нови дела можеме да ги следиме и на Facebook. Што мислиш, колку социјалните медиуми можат да ти помогнат за да ги промовираш твоите слики?

Повеќе сакам да го користам зборот споделување. Тоа е и идејата на социјалните мрежи. Фејсбук и Твитер ми помагаат во споделувањето на моите дела со сите оние што сакаат да ги видат. За таа цел ја користам и мојата веб страница kosturanov.com.

Ти благодариме на одговорите погоре и оваа прилика да ни кажеш нешто за себе и твоите дела. За крај, некоја мудрост за нашите читатели?

Би споделил еден краток расказ од мојот драг пријател Боре Цикалов:

Камен

Најди на патот камен и стави го во џебот – велеше еден домаќин човек, човек градител, куќата му беше многу голема.

Еден друг човек велеше – најди од човек мудра мисла и земи ја со себе. Овој човек немаше ни своја куќа.

- Реклама -