Еднаш порано пишувавме за Русинот Никита Голубев, кој автомобилите, камионите и комбињата што не припариле до автоперална ги користи како платно за своите уметнички дела. Е па, иако веројатно не се знаат, има свој „колега“ во Британија.
Британецов е од Колчестер и се вика Џејмс Гибсон. Го викаат „Бенкси на валканите комбиња“. Главно се фокусира на… комбиња, а делата му варираат од портрети на славни (пред сé) Британци, па до сцени од Првата светска војна. На ова мислиме:
Ова горе е рекреација на познатата фотографија од Битката на Сома. Сликнато е од Дин Рајнер, кој потоа ја споделил фотографијата и на друштвените мрежи. Пишува вака:
„Ова комбе беше паркирано на Силвер стрит. Кој и да го направил ова е извонреден талент. Ти, пријателу, заслушуваш еден голем аплауз“.
Нема потреба да нагласуваме дека за кратко време фотографијата од комбето стана вирална, нели? Но како што рековме, иако ова можеби му е најдоброто дело на Гибсон, не е единственото што привлекува внимание во Колчестер (и Есекс).