На традиционалната аукција во Алба, на северот на Италија, неколку бели тартуфи со вкупна тежина од околу 850 грама беа продадени за прилично неверојатни 75.000 евра. Ги купи претприемач од Хонгконг преку сателитска врска.
„Ситуацијата е малку подобра во последно време, но оваа година нема да има голема продажба на бели тартуфи“, рече Изабела Џаниколо, од италијанскиот Центар за изучување на тартуфи (да, добро прочитавте).
Според неа, малиот број тартуфи, но и полошиот квалитет, се должат главно на климатските промени и сушата што го зафати регионот. Згора на тоа, аукциската цена на тартуфите отсекогаш била далеку повисока отколку на пазарите, каде се продаваат за околу 6.000 евра по килограм.
Ваквите аукции се дел од саемот на бели тартуфи, кој во Алба (во италијанската покраина Пиемонт) традиционално се одржува секоја година.
Белите тартуфи се меѓу најфрагилните и најскапите производи на светот. Се берат само во одредени региони, во периодот од октомври до декември. Благодарение на специфичниот вкус и арома, белите тартуфи се многу баран деликатес, особено како дел од божиќната трпеза. Не можат да бидат одгледувани, а растат само во шумите. Во Италија, како што рековме, во последниве години ги има сé помалку.