Пред 60 години беше Лајка, ама и денес праќаме животни во вселената

60 години откако кучето Лајка стана првото живо суштество што стигна во орбитата, ние продолжуваме да праќаме животни во вселената. Разликата е што сега праќаме многу помали живи суштества. Џули Робинсон, главен научник од програмата на Меѓународната вселенска станица (MВС, т.е. ISS), објаснува што учиме од овие денешни истражувања.

Зошто веќе не се кучиња, мачки или мајмуни?

Кога ги праќавме овие животни во вселената, тоа беше затоа што ние луѓето се плашевме дека цицачите генерално не можат да преживеат без гравитација, и дека луѓето во вселената би можеле да се задушат. Буквално немавме појма како е да се живее во вселената без гравитација.

Денес, пак, праќаме голем број животни и живи суштества, но со биомедицински истражувачки цели.

Сепак, некои земји уште праќаат мајмуни. Сликава се појави наводно од тајна локација во Иран, 2013 година. Предизвика многу контроверзи, па на крајот испадна дека е лажна. Пратен бил мајмун, ама не овој.

Како им е денес таму горе?

Исто како и во истражувањата што ги спроведуваме на Земјата, така и во вселената – типично користиме глувци, овошни мушички, риби и други мали животни. Правени се и одредени студии со полжави, а во иднина планираме и стаорци.

Како и за се друго што се прави во вселената, астронаутите треба да бидат обучени и за експериментите со животни. Тоа значи да знаат како да ја оперираат експерименталната средина и како да ги извршуваат самите експериментални активности.

Со глувците, лансирањето е стресно искуство дури и за астронаутите. При пристигнувањето на МВС, кога почнуваат да лебдат, глувците се многу изненадени, што е и за очекување. Сепак брзо научуваат како да ја користат средината, како да се движат и како да пијат, спијат или јадат на прилично нормален начин. Откако ќе се „средат“, натаму целото искуство е мирно.

Прочитајте и:  Трамп не успеа да го види фаќањето на ракетата на SpaceX, таа се спушти во Индискиот океан

И рибите се адаптираат многу брзо.

Што учиме?

Експериментите врз глувци се слични со тие на Земјата. Генерално се таргетираат полиња во кои се обидуваме да го подобриме човечкото здравје, како на пример третмани за остеопороза или губење на мускулно ткиво.

Во вселената, овие мали животни лебдат исто како и луѓето, па со тоа губат и коскена маса (астронаутите во просек губат по повеќе од 1% коскена маса со секој месец поминат таму горе) ако не „вежбаат“. Истото е и со мускулите. Кај глувците овие процеси се одвиваат уште побрзо, и затоа се погодни за развивање на третмани за губење на коскено ткиво или други аспекти на стареењето. И рибите се важни во истиве овие аспекти.

Генерално земено, денешните вселенски истражувања со животни имаат двојна природа – сакаме да го намалиме ризикот при идните авантури и подалеку од орбитата на Земјата, но истворемено сакаме да имаат импакт и овде на Земјата, особено затоа што и таму, и ваму старееме.

- Реклама -