Првпат од основањето на McDonald’s компанијата планира да отвори два ресторани во кои нема да има ниту еден грам месо.
Двата ресторани ќе бидат отворени идната година во Индија – едниот во Амристар (најсветото место во Сик религијата) другиот во Катра (место од кое Хиндуистите тргнуваат кон планинското светилиште Ваишно Деви).
Новите ресторани ќе ги нудат само вегетаријанските оброци кои во моментов се продаваат во индиските McDonald’s ресторани а постои можност и за создавање на некои нови оброци.
„Вегетаријански ресторан е совршен за места кои се популарни помеѓу верниците кои одат на аџилак“ изјавил претставникот на McDonald’s за Индија, Раџеш Кумар Маини. Кравите се свети во Индија и голем дел од населението се вегетаријанци. Посточеките McDonald’s ресторани во Индија не служат плескавици од говедско месо но имаат огромна понуда на пилешко месо.
На пример во Индија нема Big Mac, туку Maharaja Mac, кој има пилешка плескавица. Рестораните нудат и Filet-o-Fish, Chicken Nuggets и други оброци кои не содржат говедско. Вегетаријанските ресторани нема да служат ни пилешко ни риба. Во моментов McDonald’s има над 250 ресторани во Индија – бројка која компанијата планира да ја дуплира до 2014 година. [McDonald’s to open vegetarian restaurants in India]