Програмирањето, според CEO-то на Apple – Тим Кук, е најдобриот „странски“ јазик што еден ученик или студент во било која земја може да го научи.
Во интервју за францускиот Konbini направено при посетата на Франција (при што челникот на Apple се сретна и со претседателот Емануел Макрон), Тим Кук сподели пар свои ставови околу едукацијата на младите:
„Ако бев 10-годишен француски ученик, мислам дека би било поважно да научам да програмирам, отколку англиски. Не велам луѓето да не учат Англиски, но ова (мисли на програмирањето) е јазик со кој можеш да се изразиш пред 7 милијарди луѓе во светот. Мислам дека програмирањето треба да биде задолжително во секое државно училиште во светот.“
Но Кук не вели дека програмирањето треба да се учи само за да знаете да програмирате. Напротив, тој смета дека програмирањето ги учи учениците од сите области да бидат иновативни и да експериментираат:
„Програмирање не е само за компјутерските експерти. При програмирањето, креативноста е возачот, а технологијата е патникот“, додава Кук.
Додуша, треба да се има предвид дека Кук и Apple имаат и лична корист да инсистираат да се учи програмирање. Кук ја посети Франција, пред сé, за да го промовира токму програмскиот јазик на Apple – Swift; кој компанијата се надева и сака девелоперите да го користат при создавањето на апликации за нивните продукти. Воведувањето на програмирањето како задолжителен предмет во основните школи на глобално ниво, ќе значи и далеку поголема распространетост, а со тоа и моќ, за Apple и нивниот програмски јазик.
Сепак, тоа не значи дека генералниот совет на Кук – дека програмирањето е можеби поважно и од англискиот, не треба да биде сфатен сериозно. Комјутерските науки, барем во земји како САД, се една од најбараните и најлукративни професии на денешницата. А со развојот и сé поголемата вклученост на вештачката интелигенција во секојдневието во блиска иднина, програмирањето лесно може да стане еквивалент за писменост.