Видео снимките од егзекуциите кои борците на Исламска држава ги пуштаат во јавност, речиси секогаш предизвикуваат сомнежи; се работи ли за веродостојни снимки, или се тоа наместени, лажни егзекуции? Една причина за сомнежите е тоа што во видеата со обезглавување, на пример, самиот тој конкретен момент на отсекување на главата речиси никогаш не е прикажан. Но, има уште еден детал кој привлекува внимание – неверојатната, па и нечовечката смиреност на заложниците додека ја чекаат својата наводна егзекуција. Уште повеќе, зошто некој од заложниците би прифатил да биде дел од џихадистичката пропаганда т.е. егзекуционо видео, и да ја пренесе пораката што од него бараат да ја пренесе, ако знае дека на крајот на тоа видео секако ќе биде обезглавен?
Досега се шпекулираше дека можеби заложниците зад камерите сепак успеваат да испреговараат погубувањето да биде нешто похумано. Се разбира, секогаш постои и можноста дека им се закануваат со бавна и мачна смрт, што е и те како доволен мотив да го направиш тоа што ќе ти го речат. Но, сепак, тоа не ја објаснува смиреноста на заложниците.
Во меѓувреме, Sky News направи интервју со поранешен припадник на Исламска држава. Според него, такви преговори (за похумана егзекуција) нема. Тој објаснува дека заложниците на снимките се мирни бидејќи и порано биле во таква ситуација. Поконкретно, не знаеле дека баш тоа ќе им биде последната снимка.
Салех, како што се претставува за Sky News, раскажува дека џихадистите на ИСИС имаат пракса да ги изнесуваат заложниците на „лажни егзекуции“ по неколку пати пред вистинското погубување. Ќе се снимат со заложникот, ќе кажат што имаат да кажат (а заложниците тоа што им се наредува) пред камера, и потоа се враќаат со заложникот во градот. Притоа ги убедуваат дека нема да бидат убиени.
И самиот Салех вели дека ги убедувал заложниците дека немаат од што да се плашат. „Ќе им речев да не се грижат, дека ништо нема да им се случи, и дека само снимаме видео во кое од нивните влади бараме да престанат со нападите на Сирија. Им велев: Со тебе немаме никакви проблеми, ти си само посетител во оваа земја“. Всадувањето на лажна надеж не застанувало таму. За да ги убедат дека се на безбедно и „меѓу пријатели“, на заложниците дури им давале и арапски имиња. На пример, јапонскиот заложник Кенџи Гото го нарекле Абу Саад. Реалноста, сепак, е дека џихадистите цело време знаеле дека со тек на време секој заложник ќе биде погубен.
Ова е прв пат да бидат потврдени шпекулациите околу „лажните егзекуции“ на Исламска држава, и тоа од некој што директно учествувал во истите. New York Times беа првите кои објавија дека постои таква можност, и тоа уште лани. Тврдеа дека новинарот Џејмс Фоли е токму меѓу заложниците кои минуваат низ таквата психолошка тортура.