Каратистите на Макпетрол се вратија од турнирот „Kроација опен“ во Риека

СРЕБРЕН МЕДАЛ ЗА АНЃЕЛА МОЈСОВСКА НА ТУРНИРОТ ВО РИЕКА

Ангела Мојсовска (-68 кг, Макпетрол) го освои сребрениот медал во сениорска конкуренција на силниот Меѓународен турнир „Кроација опен“ во Риека.

Мојсовска до медалот стигна со три победи и еден пораз. Во првото коло ја совлада Деси Рубини од Италија со резултат 6-1, потоа во второто коло ја победи Јована Вулиновиќ од Србија со 3-1 и во полуфиналето беше подобра од Џулија Каната од Италија 3-0. Во финалето Ангела загуби од домашната натпреварувачка – хрватската стандардна репрезентативка Ивана Бебек, со резултат 1-3.

Ангела се натпреваруваше и во конкуренција на помлади сениори У21, во истата категорија -68 кг. Во оваа конкуренција таа се бореше директно за бронзениот медал, но не успеа да го освои и заврши петтопласирана. Во првото коло забележа пораз од Прга Ирена со резултат 0-5, меѓутоа потоа имаше две блескави борби во репасажот за да дојде до позиција за бронзениот медал. Едната победа ја оствари против Шрафер Ким од Швајцарија 4-3, а во следниот натпревар беше подобра од Свелд Аника од Норвешка. Во директната борба за бронзен медал загуби од Италијанката Рубине Деси со 1-3.

„Ова беше многу силен силен натпревар и претставуваше последна контрола пред светското првенство кое треба да се одржи во октомври во Тенерифе, Шпанија. На турнирот имаше државни репрезентации и каратисти од 28 европски држави, кои дојдоа во Риека да ја контролираат својата подготвеност“, изјави тренерот на Макпетрол – Бошко Заборски.

„Ангела Мојсовска на овој турнир покажа добра подготвеност и голема зрелост; имаше вкупно осум борби и успеа да освои сребрен медал во сениорска конкуренција иако е јуниорка. Поради тоа јас сум многу задоволен од нејзиниот настап. Сега останува во следниве 20-тина дена да ја подигнеме формата кај сите наши спортисти и да ги испратиме максимално подготвени на светското првенсто во Шпанија. Од останатите наши репрезентативци Моника Пендаровска не успеа да освои медал, меѓутоа имаше добри настапи, додека Петар Заборски воопшто не отпатува бидејќи непосредно пред поаѓањето тој се разболе и одлучивме да го поштедиме. Петар Заборски последната контрола ќе ја направи следниот викенд на турнир од Светската 1 премиер карате лига серија А, во Салзбург, Австрија“, додаде тренерот.

Во Хрватска учествуваа 1729  спортисти од 28 држави.

- Реклама -