Познатиот француски шеф-готвач Себастиен Брас, чиј ресторан е оценет со највисоки 3 Мишелин ѕвезди, сака да се откаже од признанието.
Се работи за ресторанот Le Suquet во Laguiole, кој 3-те Мишелин ѕвезди ги носи веќе скоро 20 години, од 1999-та. Судиите на престижниот водич Мишелин го имаат оценето како „толку добар што те маѓепсува“. Сепак, на 46-годишниот Себастиен, кој го преземал ресторанот од своите родители пред 10 години, му е смачено. Во средата преку Фејсбук видео побара да му биде одземен престижниот ранк и да биде изземен од престижната француска гастрономска библија.
На Брас не му е смачено од готвењето. Напротив, и понатаму ужива во тоа, а уживал и во признанието и сите бенефити од истото. Но смачено му е да живее и готви под притисок. Имено, анонимните инспектори на Мишелин вршат инспекција по 2-3 пати годишно, сосема ненајавени, објаснува Брас.
„Никогаш не се знае. Секое јадење што излегува од кујната може да се најде пред ригорозните судии на Мишелин. Тоа значи дека секој ден, сите 500 оброци се подложни на најстрого оценување“.
Брас сака да продолжи да готви одлична храна без да се потресува околу ѕвездите и без анксиозното исчекување на судиите во секој можен момент. Сака да работи „со слободен дух“ и далеку од светот на рејтинзи, без грижа дали неговите јадења ќе им се допаднат на инспекторите на Мишелин. Сака ѕвездите да му бидат поништени уште следната година.
„Може ќе бидам помалку славен, но спремен сум да го прифатам тоа“. Брас признава дека и тој, како и другите готвачи, понекогаш помислува на Bernard Loiseau – прочуениот француски кулинарски шеф кој се самоуби во 2003. Наголемо кружеа гласини дека главната причина за тоа бил стравот дека ќе ја изгуби третата Мишелин ѕвезда. Брас не сака да се најде во таква состојба на умот.
Од комитетот на Мишелин одговорија дека ја почитуваат одлуката и дека неговата порака е примена. Сепак, неговото барање нема да резултира со автоматско поништување на ѕвездите. Прво ќе мора да биде разгледано и прифатено од членовите на комитетот. Нивниот аргумент е дека водичот постои за гостите, а не за рестораните или готвачите.
Во меѓувреме, од Мишелин потврдуваат дека Брас – еден од 27-те врвно ранкирани готвачи, е првиот што се откажува од конкурентното признание на ваков начин. Кај сите други тоа било резултат на затворање на ресторанот или радикална промена на бизнис моделот.
Во 2005-та, на пример, парискиот готвачки пионер Alain Senderens го шокираше кулинарскиот свет кога ги врати своите три ѕвезди, тврдејќи дека рестораните страдаат од претеран и непотребен луксуз. Подоцна го реотвори ресторанот под друго име, со поедноставно мени и цени неколкукратно пониски од претходните.
Друг пример е Olivier Roellinger, исто така награден со три Мишелин ѕвезди, кој во 2008 година го затвори својот луксузен ресторан во Бретон со образложение дека сака помирен живот.
За разлика од нив, Брас ќе продолжи да си тера со ресторанот. Ама без ѕвездите, се надева.