Давид Тесински е чешки фоторепортер со посебен фокус на глобалните субкултури. Неговата неуморна потрага по уникатното и автентичното го има однесено и во Јамајка, во дувлата на Јамајканците што го следат растафаријанскиот начин на живот, било да е тоа на улиците, во дворовите, или во планинските села и гратчиња.
„Заминав во Јамајка во потрага по вистинските Растафаријанци и живите легенди на roots регето и dub музиката. Не е лесно да сретнеш вистински ‘расти’ (т.е. растафаријанци) по улиците кога си странец, бидејќи секој втор човек со суканици ќе ти се претстави дека е раста“, вели Тесински.
Тешко е затоа што раста што е верен на корените (т.е. roots rasta) не треба да пие алкохол, не треба да пуши тутун, да јаде месо и не трча по пари. Раста не е да имаш суканици. Можеш да си ќелав и сепак да си раста, сé додека го следиш вистинскиот пат, тој на Хајле Селасие. Растите веруваат дека сите ние имаме блиска врска со универзумот. Кажано со зборовите на растафаријанец, „сите ние сме дел од иста суканица“.
Во меѓувреме, од лично искуство, Тесински се уверил дека 90% од луѓето во Јамајка пушат трева, или како што ја викаат – „ганџа“. Сретнал само еден Јамајканец што не пуши, ама подоцна овој му открил дека всушност јаде ганџа.
Што се однесува до Растафаријанците, не се баш посебно големи фанови на работа или, како што рековме, трчање по пари. Обично продаваат овошје по пазарите, или ќе ти ја продадат капата што ја носат, ако те убедат дека таа е таа истата што ја носел Боб Марли.
Музиката е особено важна. По улиците во Јамајка трештат музички системи. Често меѓусебно се надгласуваат, па во исто време слушаш и dancehall и dub музика. Некогаш е и погласно отколку што можеш да поднесеш. А самата Јамајка е фабрика за музика. Најголемиот дел од луѓето свират на овој или оној инструмент, и пеат некоја форма на реге.
Како и да е, еве дел од тоа што успеал да документира Тесински.
Ѕирнете го и официјалниот сајт на Тесински.